Слатко од трендафили

Слатко од трендафили
Слатко од трендафили

2013 година ми беше година на слатката. Тогаш ги сликав и објавував…Многу од слатката правам секоја година, редовно, но ова слатко не, за жал. Тогаш се потрудив бајаги за да најдам некалемени трендафили и така остана овековечено, преубаво!
Го правев во мај, тогаш му е времето и е нешто невообичаено, навистина.

Дојде некое ново време кога е реткост да се најдат некалемени трендафили, а и без отрови…
За ова слатко потребни се мајски некалемени трендафили со колку е можно помалку третмани за опстанок.
Може само розеви, а може и црвени, јас направив мешано и сеуште не можам да поверувам колку е убав спектарот од бои кои се прелеваат од розе преку килибар, до црвено…Ги сакам слатката најмногу заради светлината во нив, не можам да престанам да ги сликам, ова беше едно од тие, со волшебни преливи на светлината…

 

Состојки

  • 100 гр ливчиња од трендафил
  • 1200 гр шеќер
  • 1 л вода, може и помалку
  • 3 лимони

 

Постапка

  1. Отстранете им ги дршките и средината, измијте ги, еден дел од ливчињата исечете на парченца.
  2. Ставете ги да се варат до 20 минути, бојата нема да е убава тогаш…
  3. Додадете го шеќерот и сок од лимони.
  4. Веднаш ќе почне да се менува бојата штом го додадете шеќерот и лимоните. Варете на тивко, отстранувајте ја пената.
  5. Кога шербетот ќе почне да се влече како конец, додадете уште еден лимон и слаткото е готово.
  6. Сипајте го во врели тегли и затворете ги.

Мирисот на трендафилите од едно друго време, засекогаш ќе биде дел од нас и затоа ова слатко кое нé потсетува на тоа време, треба да го сочуваме од заборавот.
Порано немало лимони како денес, се користел лимонтусот, одберете сами што ќе ставите. Доколку можете, нека секој мај ви биде на трпезата, барем колку за убавите спомени…
Беше слаткото, но беше и сокот од трендафили, паметите ли?
Уште ја паметам преубавата розева боја и арома во бокалот на баба, целиот замаглен од студената вода. Уште му го чувствувам розевилото кое нé разладуваше со најубавите нијанси на мирис и на вкус…
И денденес сакам замаглени бокали и чаши, само го нема сокот веќе…

П.С. Тогаш, мајка ми ми го кажуваше рецептот по телефон…Сега зборуваме на скајп, па на долго и на широко се присеќаваме…И ете така дознав дека ливчињата баба ми ги сушела!

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар