Поховано пилешко и пиперки

Поховано пилешко и пиперки
Поховано пилешко и пиперки

Колку и да избегнувам поховано, понекогаш не можам да се воздржам. Мајка ми многу правеше, шницли, патлиџани, тиквици, сето тоа се подготвуваше поховано, не како денес…
Така бевме навикнати, преубав вкус! Потоа дојдоа времиња кога многу се пишуваше да се избегнува, заради зејтинот кој прегорува, заради брашното…Но и на тоа се наоѓа решение, па може да си дозволиме понекогаш.

Овој пат, пилешко и пиперки, во пченкарно брашно, помешано со палента.
Ставам зејтин, не многу, пржам, ги ставам на салфетка да излезе вишокот, потоа тавата ја чистам, ја мијам, или земам друга, додавам нов зејтин и така неколку пати. Само на тој начин и зејтинот и брашното сепак може да се рече дека не се толку опасни.

Состојки

  • 500 гр пилешки гради
  • печени или пржени пиперки
  • пченкарно брашно
  • бело брашно
  • палента
  • сол
  • ким
  • јајца
  • зејтин

Сос

  • мајонез со кари
  • малку сенф
  • кисело млеко
  • лук
  • шарена/триена сол

Постапка

  1. Пиперките треба да бидат пржени или печени. Јас имав одмрзнати печени, се солат.
  2. Пилешкото се сече на ленти и му се додава сол, но и други зачини по вкус.
  3. Се помешува пченкарно брашно, малку бело и најмалку палента, во друг сад се матат јајца со сол и ким.
  4. И пилешките ленти и пиперките се увалуваат во брашното, па во јајце и пак во брашно.
  5. Се пржат во загреан зејтин, на средна температура и се редат на салфета да излезе вишокот маснотија.

Здраво, нездраво, превкусно е, и со мешана салата, прекрасен оброк. Исто така одлично мезе или предјадење 🙂
Воопшто не впиваа зејтин, преубави беа, крцкви, а месото сочно. Пиперките не беа црвени, имав смрзнато од жолтите кои овде ги мешам со црвените, за пинџур. Ги цепкав на две, зашто беа големки. Комбинацијата не е обавезна, може поинаку да комбинирате, а истото важи и за сосот.

Пријатно!

Поховано пилешко и пиперки

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар