Кокосовки

Кокосовки
Кокосовки

Не ми се верува дека цела година не сум ги постирала овие суви колачиња кои нема кој не ги сака. Брзи, вкусни, издашни, погодни за замрзнување.
Во Струмица, откако кокосот стана актуелен, редовно се правеа, и за арно, и за лошо, а бидејќи се посни уште повеќе си го најдоа своето место.


Затоа веќе со право се вбројуваат во т.н. втора генерација традиционални колачиња.
Кога Ива потпорасна, многу сакаше да прави со мене бомбици, ситни колачи, соленки…
Со малите вредни рачиња, мајсторски ги правеше и редеше во плехот, незаборавни топли мигови на креации во кујната…И за час биднуваа, за час.
Секогаш раскажувам дека во кујната децата добиваат многу пораки, не само храна. Пораки кои им градат вредносен систем за многу нешта.
Јас сум генерација каде се кршеа копјата, да се биде само домаќинка, или и домаќинка и професионално реализирана личност. Многу од мајките веќе беа вработени, и ни ги отворија вратите ширум, да постигнеме уште повисоки цели од нивните, во општеството!
Месење, сукање, плетење, везење, мајка ми велеше, еве, ќе ти покажам, но тоа ќе го работиш цел живот. Сега треба да учиш и читаш книги, книгите пред сé!

Така и Ива ја воспитував, така советувам и ден денес, кога сме млади, нема ништо подобро од книгите. Тие ќе ни ги отворат новите порти за да подоцна ги направиме нашите избори, токму водени од нашите визии, читајќи за неговото Височество, Животот.
Родителите и најблиските во семејството ќе ни бидат модели кои ќе нé водат во нашите лични избори…

 

Состојки

  • 2 филџани брашно
  • 4 лажици шеќер
  • 250 гр маргарин
  • 100 гр кокос
  • 1 филџан толчени ореви
  • 1 ванилин шеќер
  • кора од лимон
  • шеќер во прав за посипување

 

Постапка

  1. Со миксер се мати маргаринот и шеќерот.
  2. Потоа се додаваат сите состојки освен шеќерот во прав, се изамесува убаво и се прават мали топчиња.
  3. Се редат директно на плех и се печат на потивко за да не распукаат. Рерната да биде добро загреана на 220, но штом ги ставиме, треба да се намали на 180. Готови се кога се подместуваат лесно, ако ги допреме.
  4. Смесата може да се направи како кора и да се вадат фигурички со калапче.
  5. На крај се посипуваат со шеќер во прав.

Вкусни се многу, уште поубави после неколку денови. Ги замрзнувам пред да им ставам шеќер во прав, исти си остануваат.
Едни од најчестите колачиња кои ги правам, сум ги носела на хуманитарни акции, на фестивали на храна, странците многу ги сакаат, посебно децата.

Пријатно!

Кокосовки

 

Кокосовки

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар