Струмички зелник-крашник со праз

 

Веќе имам објавено еден зелник инспириран од струмичкиот, може да го видите овде.
А ова е оргинал струмички, како знаат да кажат моите Струмичани.
Рецептот за тестото го добив од мојата почитувана пријателка д-р Љубинка Вета, која со љубов си ја негува традицијата, прави преубави специјалитети инспирирани од традицијата, но и нови, нејзини креации. Драга Љубинка, благодарам од срце, зелникот е преубав.
Сакам да им порачам на младите дека не треба да се плашат од работа со тесто, може да биде многу интересно. Треба само да имате добра воља.

Continue reading “Струмички зелник-крашник со праз”

Бакина торта-мамина торта

 

Се сеќавате ли на Бакина торта? Имаше и друго име, мрсна торта, па црна торта. Веројатно имињата доаѓаат од многу стари времиња кога денешните торти не биле се уште во мода, туку токму ваквите суви торти најмногу се правеле дома.
Името бакина торта, секако не е бабина торта. Рецептот ми е од тетратката на мајка ми, пишуван во 50-тите години од минатиот век. Таа тетратка е полна со рецепти кои постоеле и порано, но тогаш имало курс за готвење во Струмица, само неколку жени го посетувале, се сеќава мајка ми и ете имаме едно богатство кое ми значи многу. Continue reading “Бакина торта-мамина торта”

Бели Ивини чоколатца

 

Чоколатцата ги направив во 2014 год. февруари и не сум ги повторила, а преубави се. Искомбинирав рецепт за фил од  Даниела Џогова, кој е баш по мој вкус.
Јас си пишувам од кој ми е рецептот и секогаш сум благодарна, ако било во групи каде се знаеме и почитуваме, името обавезно си го чувам…
Инаку, се сеќавам дека ме прашуваа за калапот, мислејќи дека ми е од овде. Дури некни видов ваков калап овде, а тогаш си го бев купила од Мк, од Бит пазар. Всушност, се сеќавам правев еден преубав колач, па и чоколатцата во исто време. Сум ги сликала бајаги, така беше во тоа време 🙂

 

Состојки

  • 300 гр бело чоколадо
  • 8 лажици зејтин
  • 300 гр малинки
  • 200 мл вода
  • 150 гр шеќер
  • 1 кесичка пудинг од ванила
  • 1 кесичка желатин

 

Постапка

  1. Зоврете ги малинките со шеќерот и водата.
  2. Потоа  додадете го пудингот и желатинот претходно подготвени, според упатството.
  3. Заедно се мешаат на рингла, да стане фил.
  4. Филот треба да се олади.
  5. Силиконските калапи се полнат со растопено чоколадо на пареа.
  6. Треба малку да се стврдне, а потоа се полнат со филот и се затвораат со чоколадо.

Пријатно!

Колбаси и пире со праз

 

Една комбинација која ја сакам од детството. Како деца празот не ни е омилен, па пирето најчесто беше класично, ама затоа сега надокнадувам 🙂
За жал, овде немам струмички колбаси кои се најубави на светот, кој пробал, знае. Се надевам дека нашиот таен рецепт :), сеуште е во живот. Паметам кога мајка ми и татко ми ги правеа дома, ги полнеа, ги сушеа, не, не, досега немам каснато поубави. Можеби денес и не се така убави како порано, но јас уште им го чувствувам вкусот и мирисот.
Никогаш не сум правела сама,  овде има многу квалитетни и вкусни, но не се нашите 🙂
Колбаси со праз и пире со праз, суви пиперки и некоја салата, вистинско уживање.

За пирето со праз, рецептот можете да го видите овде.

Пријатно!

Пире со праз

 

Еден старински рецепт за пире кој верувам сите го правите. Ова не е макало, но секако е пире кое се јаде со леб 🙂 Македонска работа, наша работа, еми што да правиме 🙂
Во Струмица немаме макала како во Западна Македонија, но се наоѓаат многу вакви рецепти и мислам дека ние сме повеќе по прженото. Пржената храна, барем во моето семејство беше и е главна, здрава-не здрава, многу е слатка.

 

Состојки

  • неколку компири
  • неколку страка праз
  • суви пиперки
  • зејтин
  • сол
  • буковец

Постапка

  1. Измиениот компир сварете го со лушпа.
  2. Измиениот праз исечете го на ситно и почнете да го пржите, му треба време да биде цеосно омекнат.
  3. Излупете ги компирите и испасирајте ги со сол.
  4. Додадете повеќе зејтин каде се пржи празот, ставете ги сувите пиперки да се пржат малку и на крај додадете буковец, свртете го неколку пати внимателно, да не изгори.
  5. Истурете го празот и пиперките со врелиот зејтин врз пирето и убаво измешајте со дрвена лажица.

Ова пире може да се јаде со леб и сирење како главен оброк или да биде гарнир на колбаси, на пример. Има специфичен вкус, некогаш немам суви пиперки, но и без нив е убаво, буковецот прави преубав вкус. Од буковецот ќе добие прекрасна кајсија боја, која не можев да ја доловам, така е дење со фотките….Не е воздушесто како класичното пире, поинаку изгледа, но е превкусно, а зејтин по желба, по ваш вкус, помасно или не…

Посно јадење кое го сакаме во секое време, пријатно!

 

 

Тиква и ориз, печена тава

 

Јас сум од оние кои баш не сакаат печена тиква како десерт, никако не ја засакав така печена и затоа секогаш ја правам со млеко и ванили во вид на фил за баници, пити. Ова сум го кажала многу пати, да си повторам 🙂
Но ми беше предизвик да направам некоја тава во солена варијанта. И така, одамна, се роди оваа преубава тава која многу ја сакаме. Ви ја препорачувам 🙂

Состојки

  • 1 кг. тиква
  • 250 гр. ориз
  • 2-3 пиперки
  • 250 гр. свинско чадено
  • 3 чешниња лук
  • 1 кора од лимон
  • сол, зејтин, црн пипер, сушен зеленчук, ким

Постапка

  1. Излупете ја тиквата и исечете ја на коцки
  2. Исечете ги на коцки пиперките, чаденото свинско, лукчињата, кората лимон
  3. Испржете ги коцките тиква и при крај додадете ги пиперките и лукчето
  4. Префрлете ги во земјана тава, по можност
  5. Додадете го месото, оризот, коцките лимон
  6. Ставете зачини, сол, црн пипер, сушен зеленчук, ким
  7. Додадете малку зејтин и врела вода
  8. Печете околу половина час

Тиквата треба да не е блага, но кората од лимон секако ќе си ја заврши работата. Може да ја направите и посна или со друг вид месо. Сличен рецепт веќе има објавено, во посна варијанта, може да го видите овде.
Здраво јадење, брзо се прави, а и вкусно 🙂
Пријатно!

 

Сукан Зелник-Крашник со сирење и спанаќ

 

Кај нас најчесто се прават баници, но исто така се прават и зелници кои ги викаме крашници.
Ова е малку модернизиран крашник, но во основа е струмичкиот рецепт од кој имам инспирација.

Наоколу се става брчкани кори врз една поголема, по желба фил, големата кора се префрла преку крашниците, се мести како фалти или поинаку, а во средина се става фил по желба. Тоа е крашник, а ова е една варијанта.

 

Состојки

  • 600 гр брашно
  • 1/2 квасец
  • 1 мало лаж. шеќер, малку брашно и сол за квасецот
  • 300 мл вода или колку е потребно да се замеси
  • 3-4 лажици зејтин
  • 1 јајце
  • 150 гр кисело млеко
  • 1 жолчка за одозгора
  • 80 гр коцкички маргарин за одозгора
  • спанаќ
  • 250 гр сирење или по желба

Постапка

  1. Тестото направете го по желба, јас додадов јајце и кисело млеко, малку е лепливо, но со зејтинче и брашно се работи добро.
  2. Стасува квасецот, брашното се просејува, се додаваат сите состојки, освен зејтинот, жолчката и маргаринот и се меси меко тесто.
  3. Стасува покриено околу половина час до 45 мин. Потоа се размесува и се дели на 1 поголемо и 4 помали делчиња.
  4. Се сукаат 5 кори, колку е можно потенки, се оставаат да се сушат на бели чаршави.
    Големата кора за дното на тавата, а малите за краишниците. (Јас направив 2 мали зелника, значи имав 2 големи кори и по две брчкани внатре, зашто така ми одговараше.)
  5. Големата кора се става на намастена тава прва, а краевите и се надвор од тавата. На другите четири кори се става сирење и зејтинче, една по една се набираат од двете страни, и се ставаат по ивиците на тавата врз првата кора во круг како крашник.
  6. Се прска зејтин, а краевите што висат од првата кора се префрлуваат врз крашникот, се прави како фалти, во средина се става филот, спанаќот кој е испржен малку за да му излезе водата.
    И секако сирење се меша, а може и да се зачини.
    Стасува уште малку, се мачка со жолчка, се става парчиња маргарин. Се пече на 220 околу 1/2 час, но да се внимава на бојата, јас на 15 -тата мин. покривам со фолија.
  7. Се покрива со крпа, но не го задушувам целосно, повеќе сакам кога е крцкав.

Се надевам јасно ќе биде за корите, многу е едноставно 🙂
Направете си еден зелник, посен или по желба, јас немам потреба од големи количини и испробувам разни комбинации, затоа се два 🙂 Да не биде збуните завесу спустио сам се, ако нешто, сум погрешила, слободно прашајте 🙂

Бон апетит!

Чорба со зеленчук и пилешко

 

Порано, кога бевме деца, супата или чорбата претходеше на главниот оброк, речиси секој ден, а во недела обавезно. Кога јас почнав да готвам си го продолжив редот…
Е арно ама денеска не е така! Денеска чорбата ни стана и главен оброк, во мода е, и посна и месна. Continue reading “Чорба со зеленчук и пилешко”

Свинска каврма со суви сливи

И така, нашата кујна може да се мери со сите светски, ама око да не ни трепне!
Она што го имаме во Западна Македонија, го нема во Источна или Јужна, Северна и обратно!
Она што е типично во едни краеви, го нема во други, ама таму има други типични…
Та дури она шго го има во едно маало, го нема во друго, ама е богато со друго нешто…
Кое богатство е тоа, Боже мили?

Continue reading “Свинска каврма со суви сливи”

Печурки

 

Ете денес набрзинка да напишам еден едноставен рецепт, но многу важен. Печурките ни станаа придружна храна и нé инспирираат да ги подготвуваме на свој начин, по рецепти од светот или секогаш со подлога од традицијата, ех, пиперките затоа се овде. Ова е еден од моите начини.
Секако ќе следуваат разни рецепти.
Некои ги варат, некои ги пржат, како и да е, мене многу ми е важен изгледот на печурките.
Не можам да јадам црни печурки, веднаш велам ааа, станале џигер, ми се има случено и мене…
Изгледот на печурките мами, треба да си останат лични, нема што…

 

Состојки

  • 500 гр печурки
  • 1-2 црвени пиперки (може и сува)
  • лук
  • магданос
  • сол, црн пипер, по желба сушен зачин
  • зејтин

 

Постапка

  1. Во светот печурките не ги мијат, ги бришат, ама ајде де, не сум се осмелила! Вие како сакате.
    Ако се големи, расечете ги на крупно.
  2. Исецкајте пиперки, пржете ги на зејтин.
  3. Печурките се пржат на силен оган, всушност треба да се потпечат на рингла, да добијат боја и да не ја губат водата, овој рецепт е таков. За почеток, пржете ги одделно за да ги контролирате полесно, а потоа можете заедно.
  4. На крај, се додава лукче, се пржи и тоа малку, зачини и магданос.

Целта е да се потпечат печурките, тогаш имаат убав изглед. Ги комбинираме по желба, добредојдени се секогаш. Овој рецепт е базичен, следуваат многу надградби.

Добар апетит!