Слатко од јагоди

Направив пауза, простете што не објавував, но после крвавиот четврток во Македонија, ми требаше време да се соземам, време да бидам со мисла, душа и срце, таму! Таму, дома.

Денес се враќам на рецептите, со надеж дека мојата Македонија конечно ќе зачекори по правиот пат <3

Фотографиите не ми се од сега, обично ова слатко го правам подоцна, зашто сеуште јаготките кои ги сакаме не се појавени.
Но да го започнеме враќањето со нешто благичко.

Состојки

  • 1 кг јагоди
  • 1кг шеќер
  • 1-2 парчиња лимон – лимонов сок

Постапка

  1. Количината за слаткото сами ја одредувате, на 1 кг. јагоди оди 1 кг шеќер. Исчистете ги јагодите, измијте ги убаво и оставете ги најмалку 3 часа да одстојат во вода во која има лимонов сок.
  2. Потоа исцедените јагоди редете ги во тенџерето за варење, еден ред јагоди, па шеќер и се додека има, зависи од количината.
  3. Треба да се вари на силна температура со постојано протресување, но не повеќе од половина час. Се прави пена која треба да ја отстранувате, си знаете.
  4. Кога е готово, покријте го со влажна платнена салфетка да одстои цела ноќ.
  5. Наредниот ден, зовријте го 10 тина минути повторно и ставете го во подготвени врели стерилизирани теглички. Јагодите ќе останат цели, а и не потемнуваат.

Се служи на старински начин, а се јаде пребрзо зашто е преубаво 🙂
Ова слатко ми значи многу, беше вратата низ која влегов на Coolinarika, а ми ја отвори Лилјана Илиева на што сум и бескрајно благодарна.
Слаткото навистина е преубаво, само да имате јаготки со вкус, а не јаготки кои се како пластични. И да немате слабост за сликање слатка како мене, сум направила стотици фотки 🙂
Добар апетит!

 

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар