Боден дедо

Боден дедо го бев крстила овој убавец, како старинскиот струмички рецепт…
Толку е убав што ви доаѓа да го изедете цел. Го правев по некое сеќавање како изгледаше кога мојата баба Донка и баба ми Вена правеа…

Црвеникав, килибарен однадвор, крцкав, а како мирисен бел памук внатре…
И арома низ цела улица, свежо печено лепче.

И измиени калдрми…варосани потпорни ѕидчиња…трендафили…

Летно време изгор, но студената вода е тука, да не разлади, да не охрабри, да ни вети…

И џагорот на училиштето под нас, радоста на децата…и наутро и кога си заминуваат.

Денес исто живеам до училиште, можеби тоа најживо и ме потсетува на едно магично време, време кога бев дете, кога цел свет го чувствував како мој заради љубовта која ми беше дарувана и кога трпезите мирисаа на среќа…

 

Состојки

  • 1 кг брашно
  • 1 квасец, шеќер, сол, брашно за активирање
  • до 2 лажичиња сол за тестото, по желба
  • 15 лажици зејтин
  • 600 мл млеко
  • 2 жолчки во тесто
  • 400 гр сирење за фил
  • 1 јајце за фил
  • 200 гр путер
  • 1 лажица ким или сусам

Постапка

  1. Се подготвува филот од сирење и јајце, сирењето на парченца.
  2. Стасува квасецот, се додаваат состојките во просеаното брашно и квасецот исто така, се замесува меко тесто.
  3. Тестото два пати се премесува, значи стасува на два пати, а потоа го делите на три дела и расукувате кори.
  4. Секоја кора од секој дел, премачкајте ја прво со путер, па додадете од филот, но не го ставајте цел, чувајте еден дел за одозгора.
  5. Виткањето и формата по желба, но оваа ме потсеќа најмногу на старинскиот Боден дедо, како лепчиња мали, а третиот дел го направив како погачка.
    Се виткаат ролати и се замотуваат како полжави.
    Со виљушка набоцкувате одозгора, малку путер и го додавате остатокот од филот.
    Печете на 200 степени и со фолија откако ќе нарасне за да се сочува убавата боја.

Вие со тестото не мора така, можете да си направите погачки 2 или една. Беше тоа 2014, така ми дошло да го поделам тестото :), па правев и погачка, ќе ја постирам…
Поедноставете! Откако ќе го стасате тестото два пати, направете го како ви одговара.

И уживајте во оваа прекрасна погача или пребогато лепче.

Пријатно!

П.С. Имам премногу фотографии, секоја ми значи, навистина се многу убави, како лепчето да го впило сето сонце наше убаво 🙂

 

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар