Сос од домати со модар патлиџан

Овој сос или летна манџичка е одличен со ќофтиња, тиквици, модар патлиџан или некое свинско мевце како ребра, на пример…

Имаме многу летни ручеци, кои не се случајно на нашата трпеза…Нашите претци биле многу умни, точно знаеле што му треба на нашиот организам. На пример, доматите се попотребни како сварени, затоа сосот и летните манџи се најприсутни сега, ами како, знаеле нашите, м?

Најчесто го правам како додаток на ќофтиња од месо, а за да му биде појасна вредноста, еве еден текст од Интернет, корисен е 🙂
“Доматите се најчеста состојка во милиони кулинарски рецепти. Сосовите за тестенини и преливи за пица се незаменливи без сочен домат. Научниците докажале дека варениот домат ги има истите состојки како статини, кои се користат како борба против холестеролот. Тие може да бидат доста ефикасна замена за статините, лекови кој се препишуваат за овиe состојби кои водат кон проблеми со срцето.

Консумирањето на само 2 децилитри сос или сок од домати во текот на денот е доволно за да им помогне на овие пациенти. Тајната е во високото ниво на состојката ликопен. Овој моќен антиоксидант е извор на добро здравје, со што се намалува ризик од срцеви болести.

Варениот домат е најдобар, бидејќи организмот може да апсорбира повеќе ликопен од него, отколку од свеж домат.

Експертите од Австралија ги анализирале резултатите од 14 меѓународни студии за придобивките од ликопен во последните 55 години. Тие заклучиле дека тој произведува природна одбрана од зголеменото ниво на таканаречениот лош холестерол во крвта. Студијата покажала дека повеќе од 25 мг ликопен дневно го намалува лошиот холестерол и до 10%, изјавила д-р Карин Рид, еден од авторите на студијата.

Доматот има подеднакво дејство како лековите кои обично се препишуваат во овие случаи, а нема ни нус појави кои вклучуваат болки во мускулите, слабост и оштетување на нервите…”

Ете така, а сега еден од моите доматни сосови.

 

Состојки

  • 1 модар патлиџан
  • 5-6 зрели домати
  • 2-3 пиперки
  • 2-3 чешниња лук
  • магданос
  • 1 лажиче шеќер
  • сол, црн бибер
  • зејтин

Постапка

  1. Модриот патлиан се сече на коцки, се соли и се остава.
  2. Пиперките се сецкаат на крукчиња, лукот на листови.
  3. По 10 минути се мие модриот патлиџан, ја пуштил лутата вода, се суши со кујнска хартија…
  4. Се угорува зејтинот и се ставаат пиперките и модриот, при крај и лукчето, се пржат.
  5. Се лупат доматите, се сецкаат на коцки и се додаваат, се варат, а може да додадете и малку концентрат. Додадете го шеќерот, за вода сами ќе процените, зависи од доматите колку се сочни.
  6. На крај зачините.

Дали ќе го наречеме сос или манџичка, не е битно, во било какви комбинации е преубаво. Зачините се важни, користете босилек, нане, магданос, оригано…

Пријатно!

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар