Кајгана со џем од кајсии, совршена комбинација

Комбинациите на храна од здравствени причини се многу важни, следете ги, но има нели и комбинации на јадења кои некои луѓе си ги прават од мерак. Е една таква комбинација е токму оваа, едноставна, а моќна 🙂

Секогаш кога јадам кајгана, ама онаа разматена и без ништо друго, посакувам, верувале или не, парче леб со џем од кајсии. Да завршам со лепчето намачкано, е ајде де!
И токму затоа гледам да имам таков џем, затоа го правам…
А еднаш, во еден филм, токму тоа беше кажано од еден гурман, замислете, уф, а никако да се сетам кој филм беше  🙁
Сигурно нé има многу кои го сакаме ова едноставно комбинирање! Паметам, одамна го имам спомнато на фб, беа се јавиле повеќе кои си комбинираат така…
На некои им е чудно, но пробајте, па ќе видите 🙂
Напомена, кајганата треба да биде неутрална, без додатоци, само малку сол, разматена, сочна, не премногу исушена, не премногу испечена, но сепак тоа се вкусови…

Состојки

  • неколку јајца за пржена кајгана
  • малку сол
  • малку масло за готвење
  • џем од кајсии
  • леб
  • путер, по желба, на сликите и јас немам, но често ставаме

Постапка

  1. Јајцата се матат со малку сол и се пржат на угорено масло. Пржењето треба да е брзо, на силна температура, да збуфнат, се свртуваат неколку пати, а треба да останат сочни, во тоа е мајсторијата 🙂
  2. И така почнувате со кајгана, а завршувате со лепче, (путерче) и џем од кајсии, рецепт имате овде.

Не знам дали можам да ви доловам колку е вкусно, останува да пробате, нели?
Пријатно!

 

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар