Мојот Пататник

Мојот Пататник
Мојот Пататник

 

Долго време овој рецепт веќе го вртам по дома, ги испробав сите можни варијанти кои ми паднаа на ум!
Е па вака почна приказната…

Снаа ми е со егејско потекло, ја прашував кои јадења им се најпознати во штипскиот крај, ми рече баба и правела многу убав Пататник, но рецепт не сочувале…
И така јас си го увртев во глава, почнав да барам таков рецепт, но немав успех, кога еднаш ми се отвори некој бугарски блог и го видов тоа што го барам 🙂
Приказната нема намера да алудира ама баш на ништо, туку да пренесе онака како беше…
Прочитав дека тоа е најубав рецепт на Родопите…Прочитав дека иако тие велат картофи за компири, рецептот се вика Пататник, зашто некои луѓе така велат за компир, патати, како во Струмица, на пример. Прочитав и дека се лути на Англичаните кои го преведуваат специјалитетот со Картофник, а тие инсистираат да си биде Пататник.
Мене ми се интересни приказните за специјалитетите, зборуваат многу, го слушам ехото на минатото…
И така, открив дека сите на Родопите имаат оригинален Пататник, а сите различно го прават 🙂
А елем пак јас 🙂
Ви ја претставувам варијантата која според мене е совршенство на вкусен Пататник, а ќе следуваат и други кои исто се многу интересни.
Од ова се станува зависник, внимавајте 🙂

 

Состојки

За тестото

  • 300 гр брашно
  • 150 мл вода
  • 1 лажиче сол
  • 1 лажица масло за готвење
  • путер

За пататникот

  • 1 кг компир
  • 2 јајца
  • сирење
  • пресиран лук
  • повеќе свежо нане
  • сол, црвен пипер, црн пипер
  • 1 дл масло за јадење

 

Постапка

  1. Изрендајте го на крупно излупениот компир. Истиснете ја водата.
  2. Во голема тава за печење ставете половина од маслото, ставете го компирот, додадете ги јајцата, сирењето и зачините. Промешајте и натапкајте ја смесата.
  3. Додадете го маслото одозгора и нека се пече во загреана рерна на 200 степени.
  4. За тоа време, замесете тесто, мене ми отиде повеќе вода, значи обавезно вода половина од брашното, а потоа ќе видите. Измесете и нека одмори покриено околу 10 минути.
  5. Потоа поделете го на 2 дела, едниот да биде поголем за долната кора како што правиме за зелник.  Усукајте ја долната кора, премачкајте ја со путер и префрлете ја преку тава на хартија.
  6. Сега извадете го пататникот кога ќе е при крај, малку оладен околу 5 минути, и ставете го врз кората. Ако не можете да го префрлите, сечете го на средина, така полесно се префрла.
  7. Додека се лади пататникот, усукајте ја и горната кора, премачкајте ја со путер. Префрлете ја преку патникот и завиткајте ги краевите како за зелник.
  8. Испечете го пататникот, а вака спакуван од мене и на Месечина ќе оди 🙂 и уживајте во оваа убавина!

Напомени
Тестото може да го правите како сакате, но ова е наједноставен начин.
Можете слободно суров компир да ставите меѓу корите само да не биде дебел слој, за да се испече убаво. Но сите велат дека постои опасност да не се испече, па затоа јас вака го направив, што е сигурно, сигурно е 🙂
Ќе пробам и со жив  компир, полесно ќе биде, тогаш и на тестото може да му се посвети повеќе внимание.
Наместо лук може кромид, но мене повеќе ми оди лук. Ако користите маргарин, рецептот е посен.
Вкусот е со доминација на компир со свежо нане, ма одлична комбинација!Секогаш ми недостасуваат зборови да опишам колку е убаво јадењето, едноставно мора да пробате 🙂
Истиот рецепт го правев и на рингла, преубаво!
Комбинирајте со течен јогурт, најубаво оди, но може и кисело млеко.
Рустично, чудесно убаво, нема што!
Ако сте на диети, заборавете ја оваа убавина 🙂

Мојот Пататник

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар