Слатко од лубеница

Еве стаса и слаткото од лубеница, кое е навистина преубаво…
Замислете ги креденците полни со тегли од најразлични слатка и како што сите знаеме, изнаредени што повисоко, за да не ги дофатат децата…
Слаткото било пред сé за гости, а и денес слушаме анегдоти во секое семејство, згоди и незгоди со изеденото слатко, кое требало да пречека и отсрами пред многу народ.
Потоа дојде некое ново време, во 80 и 90 купувавме од зелениот солунски пазар…
Беше чудно некое време, кога стана модерно да се вели, јас не сум по кујната, за среќа брзо помина…
Мене не ме фати таква мода никогаш, но слатката навистина почнав да ги правам многу покасно.
Мојата мајкичка правеше, ни даваше…
Сé во свое време, почнав да ги правам едно по едно…
Слатката ги сликам многу, ме фасцинираат, играта на светлина ме воодушевува, не сакам да бидам досадна, но мислам на блогот е одлично организирано ако не сакаш да ги гледаш сите фотки, не мораш 🙂

Има повеќе рецепти, а за старинскиот начин важно било да се стави малку оцет при првото варење. Според еден друг рецепт лубеницата се ставала во варова вода. Кој и да е рецепт, со една или многу води, слаткото е навистина и за пред гости, оти денес си правиме повеќе за себе…

Состојки

  • 1 кг. парчиња лубеница
  • 
1 кг.шеќер
  • 250 мл.вода
  • лиомон
  • 
2 ванили

Постапка

  1. Најпрво исечете ја лубеницата на поголеми парчиња и отстранете ја надворешната кора, а се разбира и црвениот дел кој можеби сте го изеле веќе, но оставете еден тенок слој.
  2. Потоа исечете парчиња од кои ќе вадите по желба помали парченца и во форма која сакате.
  3. Измерете ги сега парчињата, зашто ќе се намалат при варењето.
  4. Ставете ги во ладна вода парчињата лубеница, треба да се варат кратко, околу 5 минути, низ 5 до 6 води… Но, велат за летната лубеница доволно е и само една вода, со оцет.
  5. После последниот пат, веднаш подгответе го шеќерот за шербетот.
  6. Кога ќе зоврие шербетот, додадете ги парчињата да се варат заедно. Треба да се варат на силен оган, без мешање. Кога ќе почнат да се појавуваат меурчиња, слаткото е готово.
    Шербетот направете го по желба, јас не сакам густ шербет, ниту многу благ, ниту многу кисел, полесно е за јадење кога е поводен.
  7. Додадете 2 ванили и кругчиња лимон, а може и мали исечени коцкички кора како што се практикувало во старо време.
  8. Покријте го тенџерето со влажна платнена салфета, а наредниот ден ставете го слаткото во теглички.

Слаткото е прекрасно, прозрачно, со преубав вкус и се разбира вкусот ни враќа најубави спомени…

Добар апетит!

 

 

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар