Добре дојдовте, драги мои

Денес е радосен ден!
 
Денес, поточно ноќта помеѓу 7 и 8 август 2016, значи точно пред 10 години, го отворивме блогот, на наша, посебно на моја радост.
Но, времето покажа дека е на радост и на многумина, кои како што самите велат, учеле да готват од мојот блог и од моите рецепти.
И на радост на сите кои искрено ми пишуваат дека се благодарни за старинските рецепти, но и за многуте новосоздадени.
Благодарни за сите идеи за декорирање, совети, но благодарни и на носталгичните приказни кои ни го носат времето кое мириса на среќа….
И секако, благодарни за прекрасните фотографии за кои сум посебно врзана.
 
На сите кои макар кратко сте ѕирнале овде, макар нешто малку сте се инспирирале да направите, бескрајно Ви благодарам!

За жал, времето кое го имав од 2012 год. за посветеност на објавување рецепти, траеше до 2018 год., кога повторно се вработив.
Готвев, фотографирав, но не бев во можност да објавувам, имав други приоритети.
Минатата година, повторно се создаде можност за објавување, почнав да го правам тоа, но воглавно во групи за готвење.
Едвај нешто ставив на мојата фб страница – Со љубов, за вас.
За блогот, кој бара многу поголема посветеност и време, не доаѓаше ред.
И така, малку по малку, почнувам да се враќам…
Иако темпото не може да биде исто како што било, важно е да не се откажуваме.

Времињата се менуваат…
Сега е време на видеа, најкорисни и најпрактични за учењето за готвење.
Но јас останувам на старинскиот начин на доживување и импресија од храната, преку чудесната моќ на фотографијата. И секако, волшебната моќ на приказната…

Денешниот јубилеј ќе го одбележам со една топла приказна за моите сакани и еден актуелен, многу модерен, здрав начин на сервирање и јадење овошје.

 

Оризови кори – тантели со овошје

 
 
Неколку дена се мачам да се сетам како се викаше карнерното, кљош миле од мајка ми, поточно и не е право миле можеби, зашто има свое име, но тој тип е, нели…
Јас не сум правела такви, но се сеќавам дека мајка ми ми покажа како се прави кога бев потпорасната.
Плетење со многу тенок конец, во круг може, на чингалак, така ли беше, но мене тоа не ме влечеше.
Тој тип на нерви немам, како што друг нема нерви за готвење, трет за читање и тн…
А и мајка ми нешто посебно не инсистираше, сум пишувала веќе дека моите бараа од мене да читам книги, тоа ме учеа, книгите да ми бидат приоритет.
И тоа беше некако нормално во тоа време, затоа што генерациски многу работи се промениле после војните во минатиот век…
Мајка ми припаѓаше на првите генерации жени кои се вработуваа на државни места масовно, па беа работнички во фабрики, учителки, службенички, медицински сестри…
Иако поретко, но беа и професорки на факултети, докторки, иженери, архитекти и тн…
Многу често беа книговодителки, а некои имаа и функции.
А бабите веќе ни беа описменети, со познатата Радничка школа, најмалку…
И иако мајките знаеја и да плетат и да везат, мајка ми знаеше да каже, сето тоа сега може да се купи, ти само читај книги.
Таа ја сакаше многу традицијата, класиката, но истовремено ја воодушевуваше и модерното.
Исто и Ива.
И таа беше по традицијата, дури и повеќе од мене во тоа време, (јас бев повеќе револуционер и бунтовник за промени), но го сакаше и спојот со модерното. Исти, баба и внука.
Јас пак како поборник за новите времиња, многу подоцна ги стасав нив двете, кои секогаш го имаа тој спој, а кај мене долго созреваше…
И така муштикла ми се вртеше низ глава да не е😊, па откако прочитав што е🙃, ми светна дека милето всушност се вика шуштикла (односно двете милиња, две се, исплетени од мајка ми).
Како и да е, мајка ми и Ива, денес посебно би се радувале на овие тантелни кошнички од оризови кори, наполнети со овошје, а сервирани на мамините шуштикли.
Нешто многу ново и актуелно, а сервирано врз старински сет шуштикли.
Да, баш би биле воодушевени, и многу радосни…
Па дури и ќе се смеевме на моја сметка, знам сигурно, силно ќе се кикотевме🥰😢.
Дека не ги ставам милињата на телевизорите, добро е😢, ама дека сум им нашла уште поубаво место🥰.
Затоа, затоа додека ги правев тантелните кошнички, по којзнае кој пат си реков, ви благодарам за силата што ми ја давате, вие двечки, мои најмили💗💗
Ти благодарам Боже, што сè уште можам, и покрај огромна тага во секоја клетка, да се радувам на прекрасните шуштикли од мајка ми кои и ги иштиркав дури, но многу благо, како што е модерно денес…
Благодарам што уште можам и имам сила да се потрудам, да направам нешто на кое би се радувале и тие двете, мајка ми и ќерка ми, моите најмили, таму некаде, каде има само љубов…
И ете, се надевам дека можеби на некој и ќе му се допадне идејата, па ќе ја направи на свој начин, зашто учиме едни од други и се инспирираме, постојано…
 
Посветено со љубов на мајка ми Аница и ќерка ми Ива💗💗