Пилешко со кајмак

Пилешко со кајмак
Пилешко со кајмак

Да пробаме нешто ново!
Овој период немам баш време за пишување рецепти, ама за среќа, имам многу сликано од сега, но и од порано необјавено, па штом уловам временце, ќе пишувам.

Рецептот е српски, со кајмак, но мене многу близок на вкус, зашто кајмакот ми е редовnо на трпезата, секако во мали количини, ама вистина многу го сакам.
Го правев кога имав донесено кајмак, беше останало, но недоволно за овој рецепт, па додадов и кисела павлака, од онаа со пиперки.
Всушност и рецептот е таков, кајмак и кисела павлака. Прв пат правев на овој начин, преубаво тавче, посебно кој е по месото и млечни производи.

 

Состојки

  • 700 гр пилешко месо
  • 3 -4 чешниња лукче
  • 250 гр кајмак
  • 200 гр кисела павлака (може и со пиперки)
  • црвена пиперка
  • 1 -2 јајца
  • сол, црвен пипер, црн пипер
  • 50 гр растопен путер или маргарин

Постапка

  1. Месото исечете го како мали прсти или преполовен стек, ставете ги во тавче за печење и зачинете ги парчињата. Јас имав две различни пакувања, стек и емансе, демек мали парчиња мевце, па стековите ги преполовив да не се ептен дебели и еден дел тргнав за супа.
  2. Растопете путер или маргарин и убаво натопете ги парчињата месо.
  3. Сега изматете јајце или две, додадете кајмак и разматете убаво, па испасиран лук, пиперка на кришки, киселата павлака, ако е како мојата со пиперки, исечете ги и нив.
  4. Зачинете по вкус, промешајте и прелијте го месото, додадете црвен пипер одозгора.
  5. Нека се пече на загреана рерна, на 220 степени до убава боја, околу половина час.

На пилешкото не му треба многу, брзо се испекува, само треба парчињата да не бидат ептен дебели или ептен тенки, значи средна големина, ни да се исушат, ни да останат живи.
Дозите на преливот можете да ги зголемите, нема да згрешите ништо.

Можете да гарнирате со тестенини, со ориз, компир, некој зеленчук или само со лепиња.
Преубаво јадење за сите љубители на вакви гурмански јадења.
Павлаката со пиперки ја препорачувам, иако не е морално, но доби прекрасен, специфичен вкус. Кајмакот си е кајмак, може да ставите повеќе, по желба.
Сигурно ќе го правам често и тоа во разни варијанти.

Пријатно!

 

Пилешко со кајмак

Пилешко со кајмак

 

 

 

 

 

Пилешко со кајмак

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар