Летен посен ѓувеч

Ѓувечот во многу варијанти, посен, со месо вакво, месо такво, печен, пржен…
Овој пат печен, и без многу губење време.
Секогаш кога сакам да се утешам што не се прво пржени состојките, си велам, ами на фурна како било?

Не ги затекнав фурните за тави, освен за леб и баклави, но ги паметам првите години на одмор во Грција, во приватно сместување, мислам сум кажувала за тоа. Немаше студија и апартмани опремени со кујни како денес, некаде имаше заеднички кујни, некаде не.
При сместувањето, веднаш не обавестуваа каде се фурните за печење тави…
Така беше при крај на 60-тите и 70-тите години кога почнавме да одиме таму на одмор. Наутро, ќе се пазареше, ќе се подготвеше месото и зеленчукот, ќе се издробеше на коцки сето тоа, па во тава, зачини, зејтин и се носеше на фурна.
Таман кога се прибиравме од плажа, ручекот беше готов, исцрвен, потчаден, ама највкусен…
Ни налик на она што го добиваме од рерна денес, но тоа е новата техника, брза, ефикасна, чиста 🙂

Порано не сум правела посен ѓувеч, Ива многу сакаше месо, па секогаш ставав, но сега, може да ставам малку, а како врват годините, посна ми е поубава.

 

Состојки

  • компир
  • модар патлиџан
  • неколку пиперки
  • морков
  • тиквичка
  • гранче целер
  • боранија
  • карфиол
  • бамји
  • домати
  • кромид
  • лук
  • сол, црвен пипер, буковец, црн пипер, магданос
  • зејтин

Постапка

  1. Зеленчукот се мие, се сецка, еден мал дел поситно, друг на крупно и се става во тава за печење.Ситното сецкано ќе се истопи и ќе се направи убав сос.
  2. Се премачкува со сите зачини, се додава малку вода  на дното и одозгора зејтин.
  3. Се пече прво на најсилно, да се запече, па се намалува на 180 и се промешува, се остава да се пече повеќе од еден час, час и половина…
  4. Може да вклучите горни греачи на крај, ако сакате да биде повеќе исцрвена, сега тоа го избегнувам колку можам..
  5. Убаво е ако остане малку сафт, односно да не се исуши потполно, но и тоа е вкус. На крај се додава магданосот.

Преубава посна тава, ќе ви се најде за посните денови, иако знам дека сите ја правите и сакате, но еве за најмладите домаќинки, ќе биде корисно. Може да додадете што сакате, малку грашок или нешто друго, може помалку состојки, а со ориз ми е друг рецепт.

Без запршка, сочно испечено, здраво јадење, во секој поглед.

Пријатно!

 

 

 

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар