Бурек со сува пиперка

 

И покрај тоа што немам убави кори како кај нас, правам бурек, презадоволна сум, ама да не го правам толку често!!! Е ајде де, божем на диета сум, ама ми успеа вториот месец и да накачам! Ваква пита, онаков бурек, вакви колачи и толку е…

Последниот месец ќе се потрудам повеќе (?), зашто ми е неопходно од здравствени причини!
Водете сметка за здравјето, јас не го правам тоа баш како треба, никогаш не сум водела сметка…

Кај нас дома, татко ми беше, и е по здравата храна, емотивец кој заработи чир многу млад…
Ни читаше на глас, ни проповедаше што да јадеме и зошто, но мајка ми и јас секогаш си теравме по свое, едино брат ми е по здравата храна повеќе…

И така, најнездравото ми е најслатко, што да правам, не сум добар пример, признавам!
Едина утеха ми се докторите кои велат дека и те како ни се потребни мастите!

Нека младите секогаш се информираат добро, зашто ниту едното, ниту другото е добро ако се претерува!
Умеренста нека ве води, секогаш!
А да, јас силно верувам во пораките на нашиот организам, треба да знаеме да ги препознаваме и тогаш може да контролираме. На пример преголема желба за некое јадење, укажува на недостаток на нешто што е содржано во таа храна…Не за џабе децата јадат ѕидови кога им треба калциум…

 

Инаку вкусот на домашниот бурек ми е уште поубав од оној купечкиот, вистина, ептен е убав! Крцкав, баш онака како го сакам, лета на сите страни 🙂 Корите на вкус ми се преубави, едино на изглед потфрлуваат 🙂 Ама овие беа ептен сол како велиме, па уште 400 гр, па додавав други, а пак тие како шмиргл, не примаат ни вода, ни зејтин, оф…
Нема ли да си одам дома и да си направам и на изглед убав бурек!!! До тогаш, крцкав и вкусен, бушав 🙂

 

Состојки

  • 500 гр готови кори
  • 350 гр сирење (кој сака и повеќе)
  • суви пиперки
  • сол
  • 1,5 дл вода
  • 0,5 дл зејтин

Постапка

  1. Пиперките се дробат.
  2. Се мешаат со сирење. Ставете си сирење по желба, јас не сакам многу фил…
  3. Водата, зејтинот и солта се мешаат.
  4. На дното на намастена тава се стават две кори да висат надвор од тавата. (Ако ги напрскам, остануваат залепени на масата, ако не ги напрскам, стануваат тврди и се кршат, иако брзо работам, маки :-))
  5. Се става една нагужвана, се прска течност.
  6. Се става друга нагужвана, се прска и се става од филот.
  7. Постапката продолжува до последните две кори кои се без фил, се затвараат со двете кори кои висат, се прска од течноста.
  8. Се пече половина час на 220, потоа се вади од рерна и се превртува.
    Што се однесува до зејтинот и водата, може да биде и повеќе ако корите се поинакви и не примаат, а тоа сами ќе процените.

Мирисот на сува пиперка во бурек, што да ви кажувам, пробајте 🙂 Кој може да јаде луто, ставете и лута пиперка 🙂 Пријатно!

П.С. На рецептот Бурек имаше грешка зејтин-вода која сега е поправена, благодарам на укажувањето. Најискрено се извинувам 🙂

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар