Сите мои мусаки-Мусака со модри патлиџани

Има разни мусаки, но струмичката со модри патлиџани е нешто посебно, би сакала да ја пробате. Досега не сум видела и ова наше јадење да е објавено од други. Го објавив многу одамна и се сеќавам на убавите реакции…
Има две основни работи за оваа мусака, повеќе зејтин и сочни домати. Во последно време користам маст и многу сум задоволна, испадна дека е најздрава 🙂
Понекогаш ја правам со маслиново масло кога ме опседнува поздравата храна.
За оваа мусака има една поговорка, која нема да ви ја кажам, зашто сум многу пристојна, но поентата е дека треба многу маст и многу работа…Се мисли на тоа дека модрите патлиџани треба да се испржат прво, но јас го пресконувам тој дел.

Старинскиот начин си е најубав, ама ајде малку поздраво да се храниме.
За да биде убава, ви треба длабоко тенџере за печење, јас ја правам во земјана тава, но и во cocotte, моето омилено тенџере.

Состојки

  • 500 гр мелено мешано месо
  • 3-4 модри патлиџани
  • 4 големи домати
  • пиперка
  • морков
  • кромид
  • магданос
  • лук
  • сол
  • сушен зачин
  • црвен пипер
  • црн бибер
  • зејтин
  • маст

Постапка

  1. Најпрво исечете ги модрите патлиџани на тркалца, посолете ги и оставете ги да ја пуштат лутата вода. Мерките се од око и зависат од големината на патлиџаните…
  2. Исечете ги доматите на тркалца, а кромидот, пиперката, морковот и лукот на мали парчиња.
  3. Испржете го кромидот, додадете ги пиперката и морковот, нека се пржат убаво, при крај, додадете го лукчето и месото. Ако сакате, месото испржете го посебно, јас така правам, кога е позацрвено, поубаво ми е.
  4. Додадете црвен пипер, другите зачини, магданос.
  5. Сега измијте ги патлиџаните, исушете ги со салфетка и повторно насолете ги.
  6. Почнете да редите во тавата, како за мусака, прво патлиџани, па одозгора месо, па домати. Повторно по истиот редослед, уште еднаш, па уште еднаш ако имате мастраф. Мусаката треба да заврши со домати. Колку повисока, толку полична.
  7. Ставете маст или зејтин одозгора, исто така врела вода, но внимавајте да не е многу водата и ставете ја на печење, околу  1,30 мин.

Патлиџаните овде ми пуштаат многу вода, затоа ставам малку. Мусаката не се сече веднаш, треба време да се стегне, ако сакате убави парчиња. Можете да ги излупите патлиџаните, но јас сакам баш вака…Секогаш велам ќе направам и со пржени патлиџани, но време не сум нашла…

Добар апетит!

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар