Телешка чорба

Телешка чорба
Телешка чорба

Не знам зошто, ама некои зимски јадења ги сакам и во лето, како врели чорби, а некои ги јадеме ладни…Знаеме дека оваа чорба е поубава во меана, само не знам дали уште е така…
Имено, колку и да ја правиме вкусна дома, никогаш нема да биде како утринската чорба, прекрасен појадок во Струмица за многу генерации!  До казанот ли е, односно до големата количина или имаат свои тајни, не знам, но иако мојата чорба е врвен деликатес, сепак, не е како нивната (ова јас да го признаам, значи голема вистина е, знаете дека поубава ми е храната дома, ељам мојата 🙂

Ви го препорачувам мојот рецепт, побогат е содржински, но правам и едноставна варијанта, а во овие жештини не ви треба ништо друго, чорбата е доволна. Понекогаш ја правам без целер и карфиол, но сепак гледам во сите чорби да ги имам, здраво е…
Во лето, најмногу правиме салати, ама ете знам и да се развртам и да месам, сукам, чудо, баш кога е најтопло едвам се воздржувам 🙂

(Го пишувам рецептот додека чекам да ми се испече баклавата, сарлиита. Е ајде, де! Топло, не топло, без шербет не не бива 🙂

 

Состојки

  • телешко месо и коска
  • 1-2 главици кромид
  • морков
  • пиперка
  • целер
  • карфиол (не е обавезен)
  • компир
  • лук
  • 1 лажица брашно
  • црвен пипер
  • зејтин
  • сол, црн пипер…
  • магданос
  • оцет

Постапка

  1. Месото и коската се варат подолго, потоа мевцето се кине на парченца.
  2. Кромидот се потпекува на фолија, на рингла. Многу е важен овој детал, за вкус на чорбата, телешка чорба без потпечен кромид, не бива.
  3. Се сецкаат сите зеленчуци ситно, се запржуваат кратко, се додава лажица брашно, да се зарумени и тоа, па црвен пипер да џшне малку, внимателно да не изгори, па се залева со вода.
  4. Се спушта и подвареното месо во чорбата, се вари колку морковот да е готов, тогаш и останатиот зеленчук е готов. На крај се додаваат зачините.
  5. Се додава оцет или се сервира лукче и оцет кои се додаваат директно во чинијата, на секој посебно.

Можете и класична запршка да направите на крај, но зашто е чорба, поубаво ми е на почеток. Карфиолот не ни е традиционален зеленчук, не се навикнав баш, но како неутрален вкус, го користам многу на ваков начин.
Оцетот помага да се свари полесно храната, а и дава посебен вкус.
Знаете дека ретко ставам запршка, веќината чорби ми се само варени, но оваа е посебна, меанска чорба, така си ја личи, со запршка.

Значи башка се става оцетот, на секој во чинија 🙂
Е јас кога бев многу мала мислев “башка” е посебно јадење, некоја врста!
Кога ќе одев кај моите омилени бабички, секогаш велеа, на Весничка башка…
Па кога следниот ден ќе им речев на моите родители: Сакам башка, мислејќи на конкретното јадење од кај бабите мои, тие ми велеа, е па башка ти е мајка, а јас не, не е тоа башка…
И можете да си замислите како изгледало убедувањето и недоразбирањето…
Најинтересниот дел е што приазната се повтори и со Ива, и таа бараше башка манџа или баница што ја јадела кај баба и 🙂

Телешка чорба

You may also like

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар