Бурек

Бурек
Бурек

Во Македонија, бурекот наш насушен може да биде со сирење, со урда, со месо, со печурки…

Основно за бурекот е што се прави само со вода и зејтин. Нема јајца, нема кисела вода, нема кисело млеко, нема прашок за пециво, нема квасец.
За разлика од нас, Босанците под бурек подразбираат само со месо. Другото за нив се пити.

Како и да е, бурекот е најомиленото јадење на Балканот.

Онака едноставно како се прави дома, ист е како купечкиот, ама и поубав на вкус. Крцкав, крцкав, чудесија 🙂
Некои бурекчилници кај нас, сеуште го прават мераклиски, секоја чест, а некои буреци се со многу тегави, црни и премрсни кори…
Еве како да си направите бурек дома за ала минут.

 

Состојки

  • 500 гр тенки кори
  • 350-400 гр сирење
  • 1,5 дл вода
  • о,5 дл зејтин
  • 1 лажиче сол

Постапка

  1. Водата, солта и зејтинот се зовруваат заедно.
  2. Сирењето се дроби.
  3. Во намастена тава се ставаат две намачкани кори со вода  и зејтин, треба да висат надвор од тавата.
  4. Се ставаат уште две премачкани кори, згужвани.
  5. Потоа се става сирење, па повторно две премачкани и згужвани кори, па сирење и се така до крај на корите и сирењето. Најдобро е да си ги преброите корите и од око да си го поделите сирењето.
  6. Се затвара бурекот со корите што висат. Е тој дел, овде во странство, мене потешко ми успева. Корите ни од далеку не се како нашите. Но бурекот на вкус е ист, само на изглед е малку почупкав.
  7. Се пече на 200 околу половина час.
  8. Се вади и се превртува.

Постапката е преедноставна, бурекот може да го направите во секое време, брзински.
За вкусот нема да ви раскажувам, мора да пробате, ама тоа што е крцкав, е нешто неповторливо 🙂

Да си кажам дека овде немам голем избор на кори за бурек. Обично се како ленти, се цепкаат, кршливи се, затоа излегува чупкав, но тоа е тоа, секое зло за добро!

За вкусот гарантирам 🙂

И да, ако имам подебели кори, водата и зејтинот мора да се зголемат малку, зашто имаме и кори кои како да не примаат зејтин.

Имате преголем избор кај нас, барем така е во Скопје, кори каква ти душа сака.
Со кисело млеко, со јогурт, како сакате!

Пријатно!

П.С. На овој рецепт имаше грешка, благодарам што ми укажавте, грешката е исправена.
Треба да стои 1,5 дл вода и 0,5 дл зејтин, како што е сега.
Зејтинот секогаш е помалку од водата.
Се извинувам за грешката 🙂

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар