Струмички зелник-крашник со праз

 

Веќе имам објавено еден зелник инспириран од струмичкиот, може да го видите овде.
А ова е оргинал струмички, како знаат да кажат моите Струмичани.
Рецептот за тестото го добив од мојата почитувана пријателка д-р Љубинка Вета, која со љубов си ја негува традицијата, прави преубави специјалитети инспирирани од традицијата, но и нови, нејзини креации. Драга Љубинка, благодарам од срце, зелникот е преубав.
Сакам да им порачам на младите дека не треба да се плашат од работа со тесто, може да биде многу интересно. Треба само да имате добра воља.

А тестото го сакам многу. Како и не би, кога со брашно сме раснати…

Родени крајот на 50-тите години, мајка ми раскажува, ни правеле кашички од пржен гриз или пржено брашно, верувале или не. Немало што друго, ниту пак знаеле, па како ги хранеле претходните генерации така и нас, арно имало гриз и брашно.
Набргу татко ми донел од Загреб една книга за бебиња, па можеле малку подобро да се информираат. Ниту зеленчук, ниту овошје, ете така, брашно и гриз.
Само 5 години подоцна, веќе се менуваат работите, уште памтам како моите подготвуваа цедени моркови, пасирани домати и сл., за брат ми, а јас се мрштев и го жалев што ли ќе јаде…
Е така, ќе се мрштам цел живот на овошје и зеленчук, кое ми е е презелено, кое ми е прекисело, преневкусно, само неколку сакам…Сега некој ќе рече не треба така, треба да сме благодарни на храната! И сум, но тоа се вкусови, а вешто ги маскирав пред моето дете, како не би и била лош пример.

Беше време кога од нас се бараше да се завршат основни обврски во семејството како секојдневно средување на својата соба, секојдневно потсредување низ дома, помагање во сабота кога се чистеше темелно, купување по потреба, леб и млеко секојдневно, та дури одевме да купиме и со канчињата во раце кога чичкото млекар, чичо Кољо разнесуваше низ маалите… Беше тоа обврска на поголемите деца, секогаш. Сите тие приказни, сум и ги пренесувала на Ива, многу се важни за вистинските вредности. Пренесувајте ги на вашите деца, внуци, децата уживаат во вакви приказни, а со тоа и тие се градат.
Кај нас дома, моите родители си подготвуваа оброци…
Од нас се очекуваше најважната работа, да учиме, секогаш да учиме!
Но детството си го одживеавме на најубав начин, со игра надвор, со дружба, со прекрасни обврски, секции, секции, по сите предмети…Драмски, литературни, спортски кој е по спортот, музички, фото секција, еееј, учевме и за фотографирање и секции од сите природни науки…
Такви времиња беа, многу се вложуваше во образованието.
Од мене очекуваа да читам, читам, пишувам состави, поеми, е така беше…Поточно, никој не го очекуваше тоа од мене, туку ја имав сета поддршка да го правам тоа што ми значи и сите среќни…

Голем дел од нас, ниту месеше, ниту сукаше, освен соленките подоцна, кои ни беа составен дел од животот. Без соленки не можеше ниту ден да мине, а Ива учеше да ги прави многу малечка, уживаше…Тие што меселе и сукале од мали, секоја чест, јас гледав некако да внесам и такви вредности!
На овие години многу работи ги правам за прв пат. Интернет е чудо, човек мора да го фати мерак за сите делиции што се појавуваат од кујната, а никогаш не е доцна да се почне! Учиме цел живот…

 

Состојки

  • 700 гр брашно
  • 1 сув квасец со лажиче шеќер
  • 1 јајце
  • 1 кафено филџанче зејтин
  • 1 лажица сол
  • 250 мл млеко
  • 250 мл вода
  • 120 гр маргарин за корите

Фил за крашниците

  • сирење
  • 2-3 лажици зејтин

Фил за средина

  • неколку страка праз
  • црвена пиперка
  • печени суви пиперки
  • сол, сушен зачин, црн пипер
  • зејтин

Плус парчиња маргарин за одозгора и малку ким.

 

Постапка

  1. Ставете го квасецот во малку млака водичка со лажиче шеќер да нарасне.
  2. Во сад за месење, ставете го просеаното брашно, но оставете еден дел во друг сад.
  3. Направете дупка во средина, ставете го јајцето, зејтинот, солта, млекото, шеќерот, квасецот и додавајте млака вода, да се замеси меко тесто.
  4. Нека одмори 15 минути, покриено.
  5. Поделете го на 3 дела тестото, два еднакви и еден поголем.
  6. Големиот дел треба да биде голема кора која ќе виси од плехот, а другеите два дела-крашници.
  7. Расукајте го големиот дел, намачкајте го со маргарин ( јас заборавив, но успеав да се сетам на време, а тоа е заради сликањето, многу е комплицирано да сликаш цели постапки и да месиш, сукаш)
  8. На средина ставете некој мал сад, да не би сечеле до крај. Сечете го кругот како на сликата, на 10 дела. Тргнете го садот и префрлајте ги деловите, еден врз друг, во средина.
  9. Направете го како мала топка и завиткајте го во транспарентна фолија.
  10. Истото сторете го со другите два дела, нека одморат 10-тина мин.
  11. Расукајте ја големата топка и кората префрлете ја на премачкана тепсија, краевите да висат.
  12. Расукајте ги и двете помали топки, поросете ги со зејтин и сирење, замотајте ги како ролати и поставете ги по краевите на тепсијата врз големата кора.
  13. Префрлете ја кората што виси врз крашниците, направете неколку фалти.
  14. Оставете убаво да нарасте, покриено, ставете го филот во средина (испржен праз и печени пиперки, зачини) и парчиња маргарин врз тестото, ким.
  15. Печете на 220 степени околу половина час, а потоа на готовс, проверете како е одоздола со долга игла, контролирајте одозгора да не пркне, нека се исцади неколку минути на пониска температура како што правиме за леб.

Овој начин на подготовка се нарекува катмер.

(Ставив коцки лимонова кора, но тоа е заради мојот вкус, вие не морате. Го мијам со сода бикарбона.)

Е сега неколку мои совети што сум ги научила одамна и покрај тоа што немам некое богато искуство, ама што си знам, си знам.

1.Никогаш не го ставајте брашното цело, оставете дел, додавајте го при месење. За сукање, може да додадете плус брашно.

2.Ако тестото се прави балончиња-пљуски откако е убаво измесено и одморено или стасано, одлично е.

3. Ако тестото при сечење ви се отвара, одлично е. Тоа значи кога ќе го пресечете со нож, веднаш се двои и прави голем рез. Сега тестото го сечеме со некои пластики, ама јас сум навикната старински и иако се снабдив, не ми одат…

4.Кога сечете сукана кора, ако ивиците напрват голем простор, значи се собира тестото, одлично е.

5. Никогаш не се откажувајте!

Јас имам почетничка среќа со сите рецепти што не сум ги правела порано, тоа е сигурно.
Но не успеав овој пат, како и секогаш, да ги сликам баш сите промени. Раце мрсни, миј се, бриши се, сликај, па пак мачкај се, па да не заборавам ова, она, дошла друга промена и веќе не е можна слика…Тоа бива, ама некој постојано да стои до тебе и да фотографира…
А како го превртев и префрлав, не прашувајте…
Зелникот се сервира за појадок, ручек или вечера. Тоа е комплет оброк, со сите такрефати.
И манџа и леб, и салата и леб. Вкусот е преубав, било да е во “месната” варијанта или во потенка.

Можете да додадете салата од печени пиперки, кисело млеко, јогурт…

Пријатно!

 

 

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар