Сарма од лозов лист

Сарма од лозов лист
Сарма од лозов лист

 

Време за сарма од винова лоза 🙂
Мислев дека оваа сарма се прави исто насекаде. Во групите за рецепти на фб, видов дека не е така и се зачудив 🙂

Има разлика која е важна и затоа сакам да ја овековечам, а и да ви предложам, пробајте, нема да зажалите 🙂
Кај нас со генерации оваа сарма се подготвува и јаде со сосот од јајце и лимон, а не со кисело млеко.
Се вари и најчесто се прави во комбинација со тиквички. При варењето се додава зелени сливи или зелено грозје што и дава на сармата посебен вкус.
Со јагнешко или телешко, да гледа на месо или да гледа на ориз, секако се убавки сармичките, а може и посни.

 

Состојки

  • 500 гр мелено месо
  • 150 гр ориз
  • 40 листови од лоза
  • 1 морков
  • 1-2 млади кромитчињa
  • 1-2 јајца
  • 2 лажици сушено нане (ние ставаме, но не е обавезно)
  • 1-2 лимони
  • 1 лажиче црн пипер, сол, сушен зачин
  • неколку зелени сливи или зелено грозје
  • зејтин

Постапка

  1. Испржете го кромитчето внимателно, додадете ги месото, па оризот, на крај зачините.
  2. Подварете ги листовите кратко за да не се кинат.
  3. Виткањето е едноставно како кај сите сарми, важно да ви се затворени краевите како пакетче. Редете ги сармичките кружно, во длабоко, но пошироко тенџере. Ако сакате и тиквички, наредете ги и нив, претходно подготвени.
  4. Ставете неколку сливи џанки во мај помеѓу сармичките или таканареченото гурида-зелено грозје, во јуни.
  5. Залијте со повеќе врела вода која ќе ви треба подоцна за сосот, зејтинче одозгора и покријте со превртена чинија и плус капак. Треба да се вари на тивко, важно е да не се превари, а лозата сепак да си биде сварена.
  6. Во длабок сад, изматете едно или две јајца, исцедете лимон, додадете малку ладна вода.
  7. Извадете од водата во која се вареше сармата во еден сад и почнете да додавате од неа со лажица во јајцата, пополека со постојано матење, а потоа обратно, сипајте ги јајцата во водата со матење. Ставете го сосот малку на рингла да се згусне, но внимателно 🙂
  8. Додадете во ичот, односно во сосот сол, црн пипер, по желба …

Овој пат во водата на сармата додадов и рендан морков.
Сервирајте го ичот врз сармата, а и посебно во сад и уживајте во прекрасниот вкус на нашата традиционална струмичка сарма од лозов лист.
Сосот многу пати сум го објаснувала, по дојрански се нарекува ИЧ, а всушност вака подготвена сармата е стар дојрански рецепт, донесен во Струмица…
И сармата од пресна зелка ја подготвуваме на овој начин, со овој сос, пробајте!
Одлично оди зашто киселкастиот вкус на лозата си бара токму таков сос, лимонов.
Медитеранска кујна, нашта кујна, шо да ви расправам, мора да пробате 🙂
Пријатно!

 

Сарма од лозов лист

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар