Музиката на мојот пинџур

Пинџурот
Пинџурот

Пинџурот, веќе неколку години е објавен, а сите што го пробаа се презадволни. Швајцарците не јадат луто, ама им се допаѓа многу…

Пред извесно време видов едно видео со пинџур и најубавата музика, така е кога си во туѓина, музика ќе ти се слушаат пиперките… Долго сакав да го снимаме тој звук во кој се исткаени македонските нишки и го сторивме тоа.

Лугето ставаат чуда филмови на Интернет, демек 21 век сме, ама јас чушки попарени сакам да слушнам, далеку од дома…
Сега има да се купи храна која е налик на домашната, но како што вели нашиот народ, не е само до вкусот, до посебната атмосфера е која се создава кога се прави ајвар, пинџур, до тоа е убавината…
Трае неколку дена, семејството, комшиите и роднините се собрани и заеднички се прават најслатките зимници, но и муабети… Е во тугина нема тоа, па ние ќе правиме видеа 🙁
Имаше една жена во Австралија ги беше снимила и како се печат, звукот на печењето, со сет мерак…

Чушките, црните патлиџане и френките подготвени на разни начини се наше обележје во кујната. Многу често слушам дека не ни знаеме друго да јадеме 🙂
Но не е така, треба да сме горди што го имаме тоа богатство и безброј рецепти, благодарение на нашите претци кои изнаоѓале начини да ги подготвуваат и трансформираат од еден на друг начин.

Ќе наглсам повторно дека Струмица има најразновидна кујна благодарение на поголеми миграции, поголеми групи на луѓе се населувале и  ја донеле својата традиција и својата кујна.
Го правев Бежанското шкето иако немам точен рецепт, но ќе има и следен пат, преубаво е 🙂
За мене е ново, како што моите рецепти со дојранско потекло се нови. Тие рецепти се прават многу ретко веќе, а преубави се и треба да се сочуваат, но на мене е само да ви ги понудам, а изборот е ваш…
Струмица е позната по тоа што секоја маала си готвела по свое и така за пинџурот сигурно има многу убави рецепти… Вашите пинџури секако се поубави од моите инпровизации овде.

Сега е време на печени пиперки…

Време е кога и пинџурот редовно ни е на трпезата…

Потребно се модри патлиџани, пиперки, домати, а количество, токму по овој редослед, од најмногу, до најмалку – доматите. Немам точни мерки, прилагодете си, најчесто вака правам…

Состојки

  • 2 модри патлиџани
  • 10 пиперки
  • 2 домати
  • лук
  • ореви
  • зејтин
  • сол
  • магданос

Постапка

  1. Испечете ги во рерна, на горниот ред, а ако имате услови надвор, уште поубаво…
  2. Потоа за да се лупат полесно, ги ставате во кеси, па излупени во посебни цедници, да одстојат подолго… Нема потреба од толчење, само ги вртите со дрвена лажица во круг, неколку пати дури не станат како конци…
  3. И сега, во ова фаза, може да си направите кесички за замрзнувачот, исто како што смрзнуваме мелено месо да речеме, сплоснато. Кога ќе си направите мала зимница, редно е да си го довршите пресниот пинџур, но истото што ќе го правите понатаму, го правите и кога ќе одмрзнете кесичка со пинџур…
  4. Свртете го неколку пати на рингла, по желба можете да додадете изрендани пресни домати…(Кога е одмрзнат може да има вода, ќе ја отстраните).
  5. Сега загрејте повеќе зејтин и попарете го пинџурот…
  6. Толчен лук со сол и зејтин, толчени ореви додавате и пред зејтинот и малку по зејтинот, секако е убаво, а на крај магданос…

За гурманите, обавезно и лути пиперки и тоа оган лути, толчени по можност и повеќе врел зејтин…

Овој пинџур можете да го подготвите во секое време како пресен, благодарение на смрзнувањето и доработката…
Погоден ви е ако се влече како конци…
На здравје нека ви е!

Музиката на мојот пинџур

 

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар