Ивини момички со ориз и авокадо

Приказната за Ивините момички е од времето кога дојдов да живеам во Швајцарија.
Забележав еден метален прстен кој беше полнет со овошје, во Мигрос беше и ми се виде многу интересно…Не сум многу по овошјето, па веднаш смислив да пробам со варен зеленчук. И така се родија првите момички, од морков, компир, цвекло…
Подоцна им го дадов тоа име зашто ме потсетуваат на Ива со разиграните другаркички…

Заради овие мои креации, во некои групи добивав необични честитки, од воодушевување, до сомнеж…

Сум објаснувала многу пати како се прават, но не знам дали има таков прстен во Мк.
Ако немате, користете нешто слично, чаша без дно, не знам како да го опишам и наречам….

Ивините момички, колку и да изгледа чудно и комплицирано се прават за две минутки, само треба добра подготовка на продукти и бои.
Овој пат, зашто ги имам најразлични, се со ориз и авокадо, беа гарнир на бомбиците со ракчиња…

 

Состојки

  • варен ориз
  • авокадо
  • 2 кришки леб
  • сол, а ако сакате и нешто друго

Постапка

  1. Сварете ориз, испасирајте авокадо, зачинете по вкус или без ништо, освен сол…
  2. Со прстенот направете кругче во кришка леб, значи ставете го прстенот врз кришка леб и притиснете силно, да се исече кругче.
  3. Сега ставете го прстенот директно во чинијата во која сакате да биде сервирано. Ставете го лебот внатре, притиснете го, нека биде на дното. Врз него ставете од пасираното авокадо.
    Врз авокадото, ставете ориз.

Со ориз е потешка комбинација, не стои, но јас не се откажувам лесно…

Мојот прстен има дел за притискање, но можете и со прстите…
Значи со една рака, го притискате оризот надолу со средна сила, а прстенот го подигате нагоре.
И воала, имате ваква убава момичка пред вас…Паднала? Ништо, нова ќе направите, бара само некоја минутка…
Сум правела со канапе лепче, но можете и сами да си исечете кругче, лебот ги држи поцврсто, можете дури и да ги преместите…
Можете да ги сервирате како ладно предјадење или како гарнир…
Сум ги правела од секој вид зеленчук, многу ми се инспиративни, но од овошје не баш, ретко…
Оставам на вашата имагинација, да комбинирате и да уживате во вашите креации…
Ќе објавувам колку можам и од нив 🙂
Бон апетит!

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар