Бели Ивини чоколатца

 

Чоколатцата ги направив во 2014 год. февруари и не сум ги повторила, а преубави се. Искомбинирав рецепт за фил од  Даниела Џогова, кој е баш по мој вкус.
Јас си пишувам од кој ми е рецептот и секогаш сум благодарна, ако било во групи каде се знаеме и почитуваме, името обавезно си го чувам…
Инаку, се сеќавам дека ме прашуваа за калапот, мислејќи дека ми е од овде. Дури некни видов ваков калап овде, а тогаш си го бев купила од Мк, од Бит пазар. Всушност, се сеќавам правев еден преубав колач, па и чоколатцата во исто време. Сум ги сликала бајаги, така беше во тоа време 🙂

Продолжи со читање “Бели Ивини чоколатца”

Колбаси и пире со праз

 

Една комбинација која ја сакам од детството. Како деца празот не ни е омилен, па пирето најчесто беше класично, ама затоа сега надокнадувам 🙂
За жал, овде немам струмички колбаси кои се најубави на светот, кој пробал, знае. Се надевам дека нашиот таен рецепт 🙂 , сеуште е во живот. Паметам кога мајка ми и татко ми ги правеа дома, ги полнеа, ги сушеа, не, не, досега немам каснато поубави. Можеби денес и не се така убави како порано, но јас уште им го чувствувам вкусот и мирисот.

Продолжи со читање “Колбаси и пире со праз”

Пире со праз

 

Еден старински рецепт за пире кој верувам сите го правите. Ова не е макало, но секако е пире кое се јаде со леб 🙂 Македонска работа, наша работа, еми што да правиме 🙂
Во Струмица немаме макала како во Западна Македонија, но се наоѓаат многу вакви рецепти и мислам дека ние сме повеќе по прженото. Пржената храна, барем во моето семејство беше и е главна, здрава-не здрава, многу е слатка.

Продолжи со читање “Пире со праз”

Тиква и ориз, печена тава

 

Јас сум од оние кои баш не сакаат печена тиква како десерт, никако не ја засакав така печена и затоа секогаш ја правам со млеко и ванили во вид на фил за баници, пити. Ова сум го кажала многу пати, да си повторам 🙂
Но ми беше предизвик да направам некоја тава во солена варијанта. И така, одамна, се роди оваа преубава тава која многу ја сакаме. Ви ја препорачувам 🙂

Продолжи со читање “Тиква и ориз, печена тава”

Сукан Зелник-Крашник со сирење и спанаќ

 

Кај нас најчесто се прават баници, но исто така се прават и зелници кои ги викаме крашници.
Ова е малку модернизиран крашник, но во основа е струмичкиот рецепт од кој имам инспирација.

Наоколу се става брчкани кори врз една поголема, по желба фил, големата кора се префрла преку крашниците, се мести како фалти или поинаку, а во средина се става фил по желба. Тоа е крашник, а ова е една варијанта.

Продолжи со читање “Сукан Зелник-Крашник со сирење и спанаќ”

Чорба со зеленчук и пилешко

 

Порано, кога бевме деца, супата или чорбата претходеше на главниот оброк, речиси секој ден, а во недела обавезно. Кога јас почнав да готвам си го продолжив редот…
Е арно ама денеска не е така! Денеска чорбата ни стана и главен оброк, во мода е, и посна и месна. Продолжи со читање “Чорба со зеленчук и пилешко”

Свинска каврма со суви сливи

И така, нашата кујна може да се мери со сите светски, ама око да не ни трепне!
Она што го имаме во Западна Македонија, го нема во Источна или Јужна, Северна и обратно!
Она што е типично во едни краеви, го нема во други, ама таму има други типични…
Та дури она шго го има во едно маало, го нема во друго, ама е богато со друго нешто…
Кое богатство е тоа, Боже мили?

Продолжи со читање “Свинска каврма со суви сливи”

Печурки

 

Ете денес набрзинка да напишам еден едноставен рецепт, но многу важен. Печурките ни станаа придружна храна и нé инспирираат да ги подготвуваме на свој начин, по рецепти од светот или секогаш со подлога од традицијата, ех, пиперките затоа се овде. Ова е еден од моите начини.
Секако ќе следуваат разни рецепти.
Некои ги варат, некои ги пржат, како и да е, мене многу ми е важен изгледот на печурките.
Не можам да јадам црни печурки, веднаш велам ааа, станале џигер, ми се има случено и мене…
Изгледот на печурките мами, треба да си останат лични, нема што…

Продолжи со читање “Печурки”

Струмички лангиди

Во нашата струмичка кујна таканаречените мекици или лангиди имаат посебна намена, посебна подготовка, посебен вкус и изглед. Не ми е позната најстарата приказна за лангидите, но секако ја знаеме онаа од минатиот век која сигурно води потекло од памтивек…

Лангидите се симбол за најголемата радост, за „златната топка” како се вели во една преубава приказна…

2013-09-15_13-03-13_1067x800
Струмички лангиди

Се прават кога ќе се роди бебенце, тоа е стара, прекрасна струмичка традиција, исполнета со ред и правила.

Порано правилата биле построги, се знаело кога точно мора да се прават, кој да ги прави, кој да се покани. Денес работите се малку измешани, правилата не се толку строги, па лангидите можат дури и да бидат заменети со нешто сосема друго.

Највештата жена во многучлените семејства се зафаќала да ја одработи најважната работа и тоа било огромна чест за неа. Тестото стасува неколку пати, има многу работа и затоа имала помагачки, но една морала да биде „главна’’.
Сите соби се преуредувале за гости, се ределе маси, се поставуваат лангидите, а модите се менувале…Тивко се прашувало додека се јадело, „а кој ги правеше лангидите?’’.  Тоа е најважното прашање, па следела проценка, па пофалби…

Но со тек на времето, жената почнала да работи и веќе пренесувањето на оваа вештина не можела да оди лесно од едни на други генерации како порано. Вештината ја презимале неколку жени во градот, понекогаш во некои периоди и само една жена.

И токму тоа е највосхитувачко низ моите сеќавања, жената која ги подготвува сама лангидите!
Да, тогаш, во едни други времиња, само една жена можела да подготви стотици и стотици лангиди.

Со векови било така, гостите доаѓале, каснувале и си оделе, за да има место за нови гости. Гостите биле жени со дечиња, а ако и дошол понекој маж, тој не седел заедно со жените, иако и те како каснувал од лангидите во други простории.

Првите лангиди се носеле на мајката, родилката, дури и во болницата кога завршило породувањето во домашни услови…

Уште ја паметам тетката Кума која во 80 тите години на минатиот век ја канеа да ги подготви преубавите лангиди кои се прават на лице место, онаму каде гостите дошле на честито и благослови за новороденчето.

Рецептот е едноставен според состојките, но марифетлукот е голем, зашто нашите лангиди се со кругче во средината и тоа ги прави единствени. Е токму тоа е марифетлукот, на раката намачкана со зејтин се формира лангида со кругче во средината.

2013-09-15_13-42-29_1067x800
Струмички лангиди

Покрај главната намена лангидите биле често на трпезата во многу семејства, како доручек, како вечера, десерт. Најнапред се сервирале само лангиди, но потоа во посреќни времиња се толчел шеќер, специјално за нив. Некои ги јадат со сирење, некои со мармалади…

Во Горна маала над џамијата, Варош маала, баба ми Зонка ги сервирала со мед, произведен од дедо ми и цело маало се собирало на лангиди со мед. Ех, прекрасни времиња биле тоа!
Баба ми и мајка ми имале чест да прават лангиди за некои членови од поширокото семејство и пријатели, за новороденче. Јас ја немам доживеано таа чест, но затоа можам барем да ја пренесам приказната со мојот скромен влог.

За убави лангиди според стариот рецепт едноставно потребно е квасец, брашно и вода, премесување неколку пати, пржење во многу зејтин. Потоа рецептот се менувал и се додаваат јајца, млеко и по желба и вкус секој си го прилагодувал…
Но традиционалните „погодени лангиди’’ треба да бидат бели, да не се мрсни, да се шупливи, а сепак „меснати’’.
Знаат да бидат многу мрсни и тегави, сите сме пробале такви, но јас никогаш не би го изговорила тоа, од почит кон жената и нејзиниот вложен труд! А грешки биват, нели?
Арно ама моја Ива, кога беше многу мала, неколку пати ме има засрамено, срце мајкино…
Седиме така повеќе од десетина жени со деца, Ива 3 годишна, ама не ја занимаат другите деца, туку лангидите, масата, милињата, сервисите, такво дете си беше…Седи како старица, пробува и гласно вели:”Мамо не пробувуви, грозни са!” Евва, евва, а тишина во собата, сите јадат со наведнати глави, па почнуваат да нé гледаат, гледаат, а јас каде да гледам, што да правам, црвенеам и се смешкам глупаво…
И така, лекции по убаво воспитување, почитување на туѓиот труд, следуваат и се практикуваат…
Ценете го трудот на другите, многу е важно тоа!

2013-09-15_14-31-26_1067x800
Струмички лангиди

Денес има нови моди, нормално…Одамна не живеам таму и изумив дека многу работи се поинаку…Денес велат, раѓањето на бебенцето се слави во ресторани, не сум присуствувала, се надевам дека е сочувана традицијата и не се сомневам во тоа, дека таа секогаш ќе биде присутна, како доказ за нашто битисување, за нашата надеж…

Мојот рецепт е модофициран, мајкин, најубав, но ја има основата во себе, за да ја сочуваме приказната и радоста што подолго!

Продолжи со читање “Струмички лангиди”

Tarana – traano so kopani

Ova e edno od omilenite strumički jadenja, seušte se pravi, seušte e aktuelno, iako ni oddaleku vkusot ne e veke kako što beše… Ušte go čuvstvuvam vkusot na manđičkata na baba mi, majka mi… Nitu pileškoto e isto, nitu piperkite, ništo nema vkus kako porano.
No so zgotvenoto, si ja sočuvuvame našata kujna, a so sekavanjata si go nadoplonuvame i vkusot…

Продолжи со читање “Tarana – traano so kopani”