Шкето

После прејадувањето од Велигденските гозби, потребна ни е чорба, нешто воденесто 🙂
Традиција во Струмица е да се јаде шкето во денот после празникот.

Продолжи со читање “Шкето”

Полнета плешка

 

Полнетата плешка е најомилен специјалитет на Струмичани, покрај дроб сармата, полнетите сплини и полнетото пиле.
Имаме многу сезонски јадења, но ова е врвот на нашата кујна, барем според многумина Струмичани кои го издвојуваат рецептот како најубав и најчесто правен за Велигден.
Новите фотографии допрва ќе дојдат, а овие ги собирав од порано објавените.

Продолжи со читање “Полнета плешка”

Јагнешки котлети со сливи

 

Ви ветив нешто уникатно со јагнешко, но не е ова. А сепак и ова јадење ми е во оние перфектни вкусови, за мене многу прифатливи, заради дојранско-струмичката кујна на која сум навикната.

Една варијанта за котлетите кои се преубави на скара, но може и вака, да не е само суво мевце…

Продолжи со читање “Јагнешки котлети со сливи”

Пилав – пиљаф

Имаме толку многу рецепти за ориз, а и старите ги подновуваме…
Мене ми е омилено јадење, посебно нашиот ориз.
Во Струмица, оризот подготвен на овој начин го нарекуваме пиљаф. Всушност тоа значи ориз -пилав или пилаф на турски, но овој збор го користиме само за рецептот ориз и фиде во солена варијанта.
Вчера си поиграв малку и направив модерна варијанта, всушност уште едни Ивини момички.

Други варијанти на Ивини момички може да видите овде и овде.

Овие декорации навистина се прават брзо, само ви треба еден цилиндер, ништо друго.
Можете да направите од мала конзерва, отворете ја од горе и одоздола и може да ви користи.
Цилиндерот се става во чинивче и се полни, еден ред ориз, па магданос, па ориз со фиде, пак ориз.
Кога е преполно, се притиска оризот, а со другата рака цилиндерот се подига нагоре. На чинивчето останува оваа убавина 🙂
Сега да се вратиме на пиљафот, најомилениот ориз на Ива, децата многу го сакаат, зашто крцка…
Класичниот рецепт е варен ориз полиен со врел зејтин што има преубав вкус. Јас го правам малку поинаку, а се добива истиот ефект…
Знаете, со кочанскиот ориз е вистинакиот вкус, со другите видови, вкусот е гол…

Продолжи со читање “Пилав – пиљаф”

Селско месо

 

За Велигден подготвуваме јагнешко и имам најубав рецепт, уникатен, секако, ќе го објавам деновиве 🙂
Е сега бидејќи уште е ладничко, еве ја мојата варијанта на една убава тава, така наречена “селско месо”.
Рецепти има многу, секој е убав, се надевам ќе ви се допадне и овој. Зошто се вика селско месо?
Претпоставувам дека  е поврзано со селската кујна, најубава на свет, затоа што таму може сеуште да се готви на тивко, што е основен услов за убавината на овие јадења. Или е поврзано со колењето, па од разни животни се земаат парчиња и се прави тавата…Или ако останело нешто месо, па му се додава и друго и ете превкусна тава…
Продолжи со читање “Селско месо”

Забелени ќофтенца

 

Нема да верувате, но во Струмица оваа преубаво јадење има можеби десет имиња!
Не ни можев да ги запаметам, но се чини секое маало има свое име!

Нашиот рецепт се разликува од другите краишта во Македонија по сосот кој се нарекува “ич” и најверојатно е дојрански рецепт, пренесен во Струмица во минатото, зашто дојранските јадења се забелуваат со јајце и лимон. Но таа кујна е веќе во изумирање, ете младите и не чуле за тој сос, што ја прави струмичката кујна уникатна во Македонија, права медитеранска и затоа гледам да ја сочувам од заборавот. Тој сос се користи за чорби, но и за сарма од лоза, тиквици, полнети пиперки и воопшто за сите долми-дулми.
Па веројатно од овде е и името кое се користи во мојата фамилија-глуу дулма, глува дулма, нешто како гола дулма 🙂
Овој пат оризот ми излезе и ќофтињата се направија како ежиња, баш декоративно, да сакав така да излезат, немаше да ми успее, сигурно. Пргав ориз некој 🙂
Прав пролетен ручек, лесен за правење, но и многу лесен за јадење, по кратко време сте гладни!

Продолжи со читање “Забелени ќофтенца”

Виени гурабии, две варијанти

 

Старинските колачиња од тетратката на мајка ми 🙂 , еден од нејзините специјалитети.
Минатата година ги беше направила за Велигден, па ми ги покажа на Скајп.
Ми се разнежни срцето…
Заради сите спомени, минатата година ги правев за Велигден и јас, посветено на баба ми Зонка, (зашто овој рецепт всушност е од неа), а таа правела гурбии за цела горна, Варош маала, била многу мерфетлика и баш уживала да прави за другите. Интересно, но тогаш тоа не се наплаќало како кетерингот денес, се правело од љубов, од аир, за аир, за среќа.
Морав да замрзнувам лани, се собраа многу колачиња, а после кога ги одмрзнав беа преубави.  Денес случајно најдов уште едно пакетче, чудо како останало, па ми се најдоа за нови фотографии.
И за уште поголемо чудо, зашто никогаш не чувам толку долго ништо, и после цела година, исти си се, само кај да ги скријам, инаку оврт-заврт, си се дружиме 🙂

Продолжи со читање “Виени гурабии, две варијанти”

Сарма полиена со јајца и кисело млеко

 

Еве го другиот рецепт за сармата од штавељ или блитва, а првиот може да го видите овде.

Сега искрено и не го знам точниот рецепт, ниту побарав, си направив по мое, со јајца и кисело млеко.
Преубава испадна, прв пат правам вака.

Значи кога се пече сармата како на претходниот рецепт, при крај  се матат јајца, зависи од тавата, се додава киселото млеко, се меша и се полива врз сармите. Се запекува до саканата боја.

(Е мене ми пркна, фркна малку, оти многу замоабетисана бев на фб 🙂 )
Ептен декоративна ми излезе, а за вкусна, се знае, превкусна!
Следната ќе биде само со кисело млеко!
Пријатно!

Продолжи со читање “Сарма полиена со јајца и кисело млеко”

Сарма од штавељ или блитва

 

Во Швајцарија нема штавељ ни за лек, па најубава замена му е блитвата.
Но и таа е поинаква, огромна, листови како чадори…
Потешко се прави сармата од таквата блитва, ако е во врела вода, останува пластична, ако зоврие, отиде, ахаха… Затоа треба да се внимава.
Сармата од штавељ ја има неколку вида, а се прави и само посна, со ориз.
Значи со мелено месо и ориз, потоа полиена сарма, со јајца и кисело млеко и само со кисело млеко..

Дома кај нас се правеше секогаш со мелено месо и ориз, така и баба ми правеше. Ја сервираме со кисело млеко.

Но знам дека многу се прави и полиена со јајца или кисело млеко, па затоа ќе ви ги прикажам и овие рецепти.

Сармата со која растев ми е најубава на свет, симбол за пролетта, симбол за заедничкото готвење.
Слика 1

Мајка ми го пржи амурот, подготвува сé и пржи…

Слика 2

Татко ми ги остава крстозборките или некоја книга, влегува во кујна, зема столче и чека мајка ми да му принесе прибор, како хирургот што чека 🙂 Една тава со листови, друга тава за редење сарма, трета тава со амурот и мала чиниичка за правење сарма, зашто тој е мајсторот.

Слика 3

Мајка ми принесува и не мрда од кај масата, стои, пргава е, татко ми е хирургот, и само кажува што му треба, а она додава…Е кога е празник, оти сармата се прави еднаш неделно обавезно, тогаш се прави поголема тава и мајка ми си седнува, па двујчката си виткаат, мерак да ти е да ги гледаш!

Така некако ќе ги памтам секогаш и секогаш ќе им бидам благодарна што ми го дадоа тој модел 🙂
(Знам дека сум зборувала за тоа веќе…ама да си кажам пак…старост)

Често сармите и ние ги виткаме заедно, послатки се така, верувајте!
Заедничката енергија и љубов се вткајуваат и во храната 🙂

Продолжи со читање “Сарма од штавељ или блитва”

Велигденски милиброд и чурек на конци

Во моето детство, милибродот беше задолжителен за Велигден, а гледам и сега е, и мило ми е…
Тоа е наша традиција, толку богата…Рецепти има многу, во некои краеви се вели козинак, а кај нас милиброд и чурек…

Продолжи со читање “Велигденски милиброд и чурек на конци”