Чалбур со праз и суви пиперки

 

Не еден, та дури четири основни рецепти за чалбур имам, благодарност до пријателите кои ги кажуваат рецептите од нивните краеви, претежно јужните.

Еве еден струмички рецепт, со праз и сирење. Инаку чалбурот во основа е јајца, пуштени во водата, поточно во кашаста манџичка со сирење. Е сега дали лук, кромид или праз, кисело млеко или сирење и брашно, зависи од рецептот.

Чалбурот израснал многу генерации, и иако е едноставна манџа, кој сака макање и јајца на овој начин подготвени, ќе си ја прави често и ќе се насладува.

 

 

Состојки

  • 3 страка праз
  • сирење по желба
  • 1 лажица брашно
  • зејтин
  • јајца по желба
  • сува пиперка
  • сол, црвен пипер, буковец, црн бибер

 

Постапка

  1. Празот се сече на тенки крукчиња и се пржи.
  2. Кога убаво ќе се испржи, се додава сувата пиперка издробена и се пржи уште малку.
  3. Потоа се додава лажица брашно, вода и зачини, сол, црвен пипер. Брашното може да го растворите малку во ладна вода претходно, за да не се згрутчи.
  4. Се дроби сирењето и се спушта во веќе зовриената вода, се намалува и се остав да се динста.
  5. Нешто подоцна одозгора се спуштаат јајцата. Јас обично ги кршам во посебна чинија и ги истурам во водата, затоа за чалбурот велам јајца на вода.
  6. Се вари на тивко, а кога јајцата ќе бидат готови и празот веќе е готов, ако бил убаво испржен.
    На крај се пржи црвен пипер, може и буковец малку, но да не изгорат, и се полива врз јајцата.
    За да не изгори црвениот пипер треба да се загрее зејтин во тавче и да се тргне на страна. Тогаш се додава црвениот пипер и се пржи со мешање. Само така нема да изгори.
  7. Треба да поврие некоја минутка и готово е за сервирање.

Ова е јадење за кое мора да се запржи црвен пипер, значи мора да се направи запршка, да се кавардиса. Брашно не мора да се пржи, јас обично го правам на начинот опишан погоре.

Вкусот е оној старински, од манџите на мама и баба, макање до бесвест.

Јајцата се прават по вкус, некои ги сакаат поживи, некои не…

Пријатно!

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар