Лебот наш насушен, често го месам дома сама, понекогаш во пекачот за леб-комплетна услуга, а и купуваме, има убав леб овде. Никако не можам да јадам топол леб, освен корката, па така најчесто дома имаме леб кој не е денешен. И најчесто го ставам кратко во рерна пред јадење, најубав ми е така, исечен на крупно, крцкав.
Оваа убавина не е никаква креација, се прави за 10 минути.
Правев набрзина, сечев покрупно, немав време, а излезе баш вкусно… И корисно 🙂 , го искористив лебот, спанаќот, а може да се искористи по желба тоа што имате дома. Воопшто не се раководете од рецептот, направете си по ваш вкус. Доколку ви се допаѓа, еве рецепт…за секој случај 🙂
Состојки
- леб (да не е пресен)
- 2 јајца (може колку сакате)
- млад кромид
- 1-2 пиперки
- спанаќ
- сирење
- црн бибер
- ситни џимиринки
- кашкавал
Постапка
- Измијте и исецкајте го зеленчукот.
- Во еден сад изматете со вилушка јајца, колку сакате, ако правите голема тава, ставете 4
- Додадете го зеленчукот и сирењето во јацата, размешајте.
- Во плех со хартија наредете го лебот на кришки. Не внимавав многу, навистина брзав и само ги ставив лепчињата, дури и не ги собра, некои беа по страните. Кога би имала време би ги префрлила во друг плех 🙂
- Од смесата со јајца, ставете врз лебот, колку може подеднакво. Посолете малку ситни џимиринки и бибер.
- Изрендајте кашкавал врз целата површина.
- Печете кратко на 200 степени.
Желбата ми беше да се потпече лебот, да биде крцкав, а сепак одозгора да е сочно, па затоа не го печев многу. Јајцата останаа сочни, кашкавалот стопен…Вие како сакате, печете по желба.
Маж ми беше воодушевен, од ништо нешто бидна…Само да има нешто, сепак си треба, а не празен фрижидер, секако…
Бон апетит, драги мои, уживајте во вкусот и секое добро!
П.С. И немојте да го правите во ниедно време…како јас 🙂