Pinirlii

 

Стар, традиционален рецепт во струмичко-дојранскиот крај.

Пред некој ден им носев на колегите од курсот по француски, воодушевени беа, секако.
И по којзнае кој пат ќе речам, штета што светот вкусува вакви убавини само од нас, поединци, кои ја шириме нашата убава кујна, ги гледаме сите како се воодушевуваат и срце ни се кине, што да кажам повеќе…

Името на оваа прекрасна месена пита има варијации – пинирлии, пејнирлии, пенирлии, пиринлии, пиренлии…
Како и да се изговара, всушност се работи за пита полиена со сирење и јајца, сирењак еден вид и нема грешки во изговорот, сите имиња се точни 🙂
Важно е пинирлиита да не е многу висока, не многу дебела како велиме.
Баба ми велеше „Тва не е леб, мора даа потенка, как душичка мека, така си личе…’’

Ако ви се најават ненадејно гости, а немате баш нешто специјално во моментот, прво што ви доаѓа на памет е – „Да замесам една пинирлиичка, дудека да дојдат ќе стасе, ќе се испече, да си апнат чувеците топличка’’.

Така беше кај нас дома, пинирлиита е и за гости и за доручек и за вечера.
Рецепт на мајка ми и најчесто употребувана нејзина реченица, до ден денес!
А нејзината пинирлии пречека и испрати многу роднини, многу пријатели…Убави времиња…

Морам да кажам дека рецептот на мајка ми е од око, па долго време не се решавав да ја направам, додека еден ден не ги прецизиравме дозите…
Најчесто ја правам за ручек, така најмногу ни одговара, а потоа се знае, се јаде цел ден, помини-замини…
Имам премногу фотографии, зашто ова преубава пита е најчесто на трпезата…

 

Состојки

  • 700 гр брашно
  • 1 квасец
  • 1 мало лаж. шеќер
  • 150 мл зејтин
  • 1 мало лаж. сол

Фил

  • 6 јајца
  • 400 гр сирење
  • 100 мл зејтин
  • 1 мало лаж. сол

Постапка

Квасецот стасува, но и не мора, се замесува брашното со состојките за тестото. Брашното варира, само ќе се покаже за меко тесто, почнете со помалку. Можете да кратите на зејтинот, сол по вкус, вода по потреба, околу 350 мл.

Убаво се измесува и се става во подмачкан плех од рерната, се развлекува, растегнува со дланка према форма на плехот, па се остава да стаса, покриено со платнена крпа. Потоа, кога е стасано, надигнато, се прави наоколу венец со вдлабнатина и се притискаат насекаде дупчиња за да може да се задржи филот, да не отиде веднаш под тестото.
Јајцата се разматуваат и се мешаат со издробено сирење, сол и зејтинче. Филот се става врз тестото и се пече околу 25 мин. Е сега некои сакаат попечена, некои сакаат сирењето да е ептен ситно, помалку јајца, но тоа не го менува вкусот. И јас не ја правам секогаш баш иста, но секогаш е преубава!
Она што е најважно е тестото да биде како сунѓер, има фотографија, го притиснав парчето и кога го тргнав прстот, тестото си се враќа во првобитната положба, тоа е тоа.

Не се покрива после печењето, по неколку мин. веќе можете да ја сечете и да ја сервирате, најчесто со кисело млеко или јогурт. Пробајте и со пиво кога ви е како мезе, одлично оди.
Брзо се прави, а вкусот е прекрасен.
Пријатно!

 

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар