Забелени ќофтенца

Забелени ќофтенца
Забелени ќофтенца

 

Нема да верувате, но во Струмица оваа преубаво јадење има можеби десет имиња!
Не ни можев да ги запаметам, но се чини секое маало има свое име!

Нашиот рецепт се разликува од другите краишта во Македонија по сосот кој се нарекува “ич” и најверојатно е дојрански рецепт, пренесен во Струмица во минатото, зашто дојранските јадења се забелуваат со јајце и лимон. Но таа кујна е веќе во изумирање, ете младите и не чуле за тој сос, што ја прави струмичката кујна уникатна во Македонија, права медитеранска и затоа гледам да ја сочувам од заборавот. Тој сос се користи за чорби, но и за сарма од лоза, тиквици, полнети пиперки и воопшто за сите долми-дулми.
Па веројатно од овде е и името кое се користи во мојата фамилија-глуу дулма, глува дулма, нешто како гола дулма 🙂
Овој пат оризот ми излезе и ќофтињата се направија како ежиња, баш декоративно, да сакав така да излезат, немаше да ми успее, сигурно. Пргав ориз некој 🙂
Прав пролетен ручек, лесен за правење, но и многу лесен за јадење, по кратко време сте гладни!

 

Состојки

  • 500 гр. мешано мелено месо
  • 100 гр ориз
  • 2 моркови
  • 3 страка млад кромид
  • 1/2 китка магданос
  • 1 домат
  • 3 лажици брашно
  • по 1 лажиче мешан зачин, сол, црн пипер, црвен пипер малку…

За сос

  • 1-2 јајца
  • лимон
  • ладна вода
  • сол

Постапка

  1. Се прават ќофтенца како топчиња од месото, оризот, 1 рендан морков, рендан домат, половина од младиот кромид, магданос или нане сушено и други зачини по желба.
  2. Се стиснуваат убаво за да не се се распаднат при варењето.
  3. Се зоврива вода во која се додава другиот морков, и рендан, и на мали парчиња, со малку маслиново масло.
  4. Ќофтињата се увалуваат во брашно, се спуштаат во врелата вода и се оставаат на послаба температура да се динстаат, околу 20 минути, колку оризот да биде готов.
  5. На половина време се додава остатокот од младиот кромид, ако сакате повеќе брашно и на крај зачини по желба.
  6. Е сега најважниот дел. Кога е готово, водата од тенџерето (сосот) се претура во друг сад.
  7. Се матат јајцата со ладна вода и лимон во друг сад.
  8. Се зема од врелата вода (сосот) со лажица и полека се додава во јајцата со постојано матење.
  9. Потоа јајцата се претураат во садот со сосот, пополека и повторно со матење. Ова сите го знаете за чорби, но за младите домаќинки добро е да се напише. Се додава магданосот и лимон по желба, а и сол по желба.
  10. Сосот се претура преку ќофтињата во сервираната чинија. Треба да е погуст од забелена чорба, но веќе не ставам многу брашно, поздраво е. Права мала мајсторија е да се погоди сосот кој се враќа на рингла кратко и се меша до одредена густина, но да не се потсече јајцето, тоа не смее да се случи.

Многу вкусно и многу здраво јадење!
Пријатно!

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар