Бурек со македонски кори

Бурек со македонски кори
Бурек со македонски кори

И ете коначно да направам бурек со наши кори, тенки, вкусни, ниту се кршат, ниту стануваат сол, ниту, ниту…можам така да редам до утре сабајле. Не се споредуваат, не 🙂


Не ми е целта да правам реклама, но ниедни до сега што пробав не се волку убави. Од Буњаковец се, константен квалитет, нема што. Сигурно има сега различни, и подебелки се влечените, убави за баници и штрудли, но за бурек, овие ми се најубави.

Рецептот ми е во основа ист, но овој пат мешано урда и сирење, а и корите беа повеќе.

Состојки

  • 650 гр готови кори
  • 350 гр урда
  • 150 гр сирење
  • сол по потреба
  • 250 мл вода
  • 150 мл зејтин

Постапка

  1. Се мешаат солта, зејтинот и водата.
  2. Се подготвува сирењето и урдата, се промешуваат.
  3. Се пребројуваат корите, за да се планира филот, зашто на првите неколку и последните не се става фил, само се прскаат со течноста. Овој пат имам ставено повеќе фил, иако не сакам така, но не сметаше.
  4. Дното на тавче бр 28 се премачкува со зејтин.
  5. Се редат 3 кори на дното, во круг, да висат од тавчето, се прскаат со течноста.
  6. Се додаваат две кори згужвани, се прскаат, па фил и сé така, до последните неколку. Се затвара, убаво се премачкува и се пече во загреана рерна на 220, околу половина час.
  7. Кога ќе се извади, се превртува.

Прв пат толку висок бурек правев, но не смета воопшто.
Вкусот е преубав, ама вистина сé си бара своето, кори, урда, сирење, сé наше 🙂
Да ти е мерак кора да каснеш, како беа испечени внатре само, а крцкави однадвор…не знам, ама луѓето прават стварно преубави кори, го впиваат зејтинот како треба, што за бурек е многу важно.

Слични рецепти за бурек може да видите овде и овде.

Пријатно!

Бурек со македонски кори

 

Бурек со македонски кори

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар